петак, 23. новембар 2012.

СЕМИНАР ЗА МУЛТИЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА

На 12. и 13. ноември, во хотелот Порта во Скопје, со дел од моите колеги и еден претставник на родителите,( инаку претседател на УО) на ООУ „Даме Груев“- Куклиш, учествував на семинарот за Мултиетничка толеранција, во организација на USAID.

На семинарот, покрај нашето училиште, учествуваа и претставници на училиштата во Кукуречани, Шипковица, Бутел и едно училиште во Тетово. Со нас беа и претставници на Општина Струмица кои го следеа и учествуваа во работата на семинарот.

Откако секој од учесниците на семинарот се претстави, што во некоја рака беше меѓусебно запознавање, се премина на првата точка од работата - Какво мултикултурно/мултиетничко општество сакаме. Денес, тешко да се најде држава во светот, во која живеат претставници само на еден народ или само на една култура. Македонија, поради својата местоположба на Балканскиот Полуостров, а со оглед и на историското минато, во некоја рака е мост меѓу истокот и западот. Секоја од културите оставила свои белези, а луѓето научиле да живеат едни покрај други... секој негувајќи го своето, но и почитувајќи го „туѓото“, она различното.


Се правеа споредби со состојките за салата (домати, пиперки и кромид), кои измешани заедно даваат нов квалитет - шопска салата, а притоа секоја од состојките го задржува својот изглед, форма, боја, вкус... но е дел од нешто ново. Притоа, се заборави или намерно се изостави зејтинот, кој треба да биде сврзувачко ткиво, за салатата да биде комплетна. И во едно такво мултикултурно/мултиетничко општество, кон кое тежнееме и кое беше целта на семинарот, за да луѓето меѓусебно се почитуваат и комуницираат, потребно е зејтин - јазик на кој претставниците на етничките заедници меѓусебно ќе комуницираат. Се спомна дека наша заедничка цел е нашите деца во иднина да одат во исти училишта, во исти а не во различни смени. Таму заедно да учат, да се почитуваат а надвор од училиштето да се дружат и меѓусебно да се помагаат.

Само општество, во кое поединците од различни конфесии, култури и етноси, меѓусебно се познаваат, се почитуваат, едни на други се потираат и живеат едни со други, а не едни покрај други, е среќно општество и има иднина.


субота, 06. октобар 2012.

Успешно спроведена акцијата МАКЕДОНИЈА БЕЗ ОТПАД

Денес (6.10.2012) учениците од ООУ „Даме Груев“ во Костурино се одзваа на акцијата МАКЕДОНИЈА БЕЗ ОТПАД и со своите активности придонесоа за почиста животна средина, за почиста Македонија.







петак, 01. јун 2012.

Ние на ЅВОН


 На 29. мај, со дел од учениците, се најдовме во студиото на МРТВ од каде во живо се пренесува емисијата за деца ЅВОН. Повод за нашето гостување, беа нашите активности околу ЕКО-проектот - Здрава храна за детство без мана, кои беа спакувани во клипче, прикачени на YouTube и објавени на блогот Partikopolis. Некој го видел клипчето и не препорачал кај Анета од Ѕвон, сметајќи дека тоа треба да биде видено од поширока публика.  Понудата од наша страна беше веднаш прифатена, а датумот прецизиран.
 Децата пројавија живо интересирање за учество во емисијата и почнаа да се самоорганизираат. Група седмоодделенци од Куклиш одбрале скеч, си ги поделиле улогите и ме викнаа на проба. Моите од осмо во Костурино веќе имаа готова точка и беше доволно да пробаат повремено за да не го заборават текстот. Читањето на пораките од Еко-кодексот (на македонски и англиски) веќе претставуваше интересна, готова точка. Желба за масовно учество преку фолклорна секција имаше и во Куклиш и во Костурино, но Костурани беа во предност... тие го имаа пензионираниот Милков Ристо, костуранец, кој дваесет години поминал во Танец, а веќе една година се обидуваше да издејствува просторија од училиштето и своето искуство да им го пренесе на  младите генерации од селото. Бараше просторија , во која ќе работи со децата. По низа перипетии, успеал да издејствува просторија од Домот во Костурино и пробите започнале.
Обидот за формирање фолклорно друштво во Куклиш се беше изјаловил или одложил за подоцна, па децата бараа начин за себепретставување. Знаеја дека се’ она што визуелно може да се претстави, а ги афирмира децата и нивните вештини и способности, може да се најде пред камерите во студиото. Сликањето на стаклени шишиња со витражни бои, на некој начин беше наша специјалност. Редовно, веќе неколку години, децата од нашето училиште, на продажната добротворна изложба пред Велигден, се претставуваа со свои слики на шишиња. Одлучивме група ученици, цело време, додека трае емисијата, да сликаат на шишиња.

На 29.05. точно во 9.55 бевме пред зградата ма МРТВ. Учениците почнаа да слегуваат од автобусот на ТА Атлантис,( кои ни беа спонзори за патувањето),кога ми заѕвони мобилниот и гласот на Анета ме праша - каде сме? Во холот на МРТВ веќе не презеде организаторот и не’ одведе пред студиото. Времето за подготовки пред почнувањето на емисијата беше кратко...

Кога седнав на столчето, почувствував страшна жед... јазикот ми се исуши. Посакав да побарам вода...но времето иташе. Емисијата секој момент требаше да започне. Во рацете држев три парчиња од мојата книга - Жива душа, две од нив требаше да бидат подарени на двајца гледачи кои ќе се јават за време на емисијата, а третата и’ ја ветив на Анета, уредничката на Ѕвон.

Со нас, во студиото се и Балетско студио од Тетово... Емисијата стартува и се’ оди според одредена минутажа. Водителките иако млади, делуваат искусно. Анета е веќе искусен уредник. Народните носии им стојат прекрасно на девојчињата.


Децата, иако возбудени, одлично го кажуваат текстот... делуваат сигурно. Тоа ми прави да делувам спокојно, зашто сум сигурен дека добро ќе се претстават. Пред почетокот им дадов кратки совети да делуваат тимски... никој освен нив не го знае текстот. Ако некој се збуни или погреши, нека тера понатаму. Ако застане, друг да го потсети, да му шепне или гласно во форма на прашање... битно е да се истера до крај без да сетат другите. Знам дека ако јас им делувам исплашено, мојот страв ќе се префрли и на нив и се’ ќе пропадне.Емисијата тече во најдобар ред... како времето одминува, децата навикнуваат на амбиентот и тремата исчезнува. Мојот дел пред камерите завршува и јас се селам зад камерите, каде е поудобно.


Таму ме пречекуваат колегите Перо, Јагода и Соња.

Последни се играорците. Тие ги прават последните подготовки... расположени се.

 Со нив, за спомен се слика и нивниот кореограф - Ристо Милков.

Со сплетот завршува и емисијата... ни олеснува и нам. Ми приоѓа Анета и ми честита за добрата организација. Ги пофалува  квалитетот на точките, децата, нивната одговорност и доброто однесување пред и зад камерите и следува нова покана за втората половина на септември... децата се пресреќни и горди на себе. Самодовербата кај секого од нас расте.
Ја напуштаме зградата на МРТВ со убави спомени и желби за ново, поквалитетно претставување.









уторак, 24. април 2012.

МУВИ - ФЕСТ или „Микрософт Филмски Фестивал“


Во понеделник, 23. април 2012. год. пред киното Милениум се собраа наставниците кои со свои видеа учествуваа на филмскиот фестивал за наставници, организиран од Мајкрософт.

Со свои видеа учествувавме и ние, членовите на групата „Креативци“, кои по пат на интернет се обучувавме, под будното око на колешката Аида Петровска, за работа со Муви Мејкер и другите придружни алатки, корисни за наставата и за наставници кои сакаат нови предизвици.

 Интересни беа средбите со колегите и колешките, со кои разменувавме искуства, се советувавме, се смеевме и се радувавме на почетните успеси и првите несигурни чекори со програмите на Мајкрософт.

Пред почетокот требаше да ги добиеме своите сертификати, но морам да признам се создаде непотребна гужва поради лошата организација. Точно за напладне беа закажани проекциите, а ним им претходеше обраќањето на Министерот за образование и наука - Панче Кралев.

На фестивалот учествувале вкупно 400 иновативни наставници со 450 видеа, распоредени во шест категории. Свои обраќања покрај Министерот имаа и:
Илијанчо Гаговски, Директор на Микрософт Македонија;
Љубица Ружинска, Наставник по Англиски јазик, О.У Блаже Конески, Скопје;
Сатки Исмаили, (кој ги освои симпатиите на присутните со својата духовитост), Наставник по Математика, О.У Кирил и Методиј, Тетово;
Дарко Талески и Драгица Здравеска (победници на Европскиот Натпревар на Микрософт), О.У Кирил и Методиј , с.Канатларци, Прилеп;

и секако, завршен збор имаше Влора Адеми, Менаџер на Академската Програма на Микрософт, со која се сликав.
Имињата на наградените од шесте категории не успеав да ги запомнам или запишам... искрено им честитам на победниците зашто поседуваа повеќе искуство и умеење од другите, но за некоја година се надевам дека ќе бидат надминати од сегашните „почетници“.
Пред и по фестивалот, поминавме пријатни мигови во меѓусебно дружење, во атмосфера каква што умеат да создадат само членовите на групата „Креативци“.








 


петак, 24. фебруар 2012.

За самогласното Р


Гласот Р врши служба на самогласка кога се наоѓа меѓу две согласки и во почетокот на зборот ако зад него доаѓа согласка:
дрво, грло, жртва, жртвува, жртвеник, јатрва, крв, прст, прстен, срце, срп, црква, и др.
Самогласката Р во почетокот на зборот се обележува со знакот ’ : ’рбет, ’рбетник, ’рвеник, ’рѓа, ’рѓосан, ’рж,  ’ржан, ’ржи, ’рскавица, ’рт, ’рти, ’рчи. На овој начин приведениве зборови се пишуваат и кога влегуваат во состав со префикс што завршува на согласка: за’рѓа, за’ржи, за’рска, и сл. Ако префиксот завршува на согласка, знакот не се пишува: сржи, среќа, срти.
Тоа е се’ што ќе прочитате во Правописот во врска со самогласното Р. Речиси идентичниот текст ќе го сретнете и на македонската Википедија.
За проблемите со изговорот на самогласното Р пишувала и Симона Груевска – Маџоска, доктор по филолошки науки и научен соработник во ЈНУ институт за македонски јазик
„ Крсте Мисирков“, во статијата со наслов „’Рже не се држе “, објавена во весникот Време, број 1448 (14. 08. 2008.).
Во својата статија, таа не се задржала на правилата за изговор на самогласното Р, туку за употребата на апострофот кај случаите кога Р е самогласно, (на почетокот од зборот) и кај некои турцизми (с’клет) и дијалектизми (ж’т, в’к, в’на) поради недостаток од графема за темниот вокал, како и кај зборови во кои поради некоја причина е испуштен некој глас – држ’ го,  ќ’ идам.
Двојната употреба на апострофот уште повеќе внесува забуна, бидејќи еднаш заменува темен вокал, а друг пат глас што недостасува, а не се изговара.
Веќе еднаш и самиот пишував на  таа тема, за самогласното Р, а текстот го објавив на мојот блог www.lpartikov.blogspot.com на 20. 04. 2008.
Секојдневно, како наставник, се соочувам со неправилен изговор на самогласното Р од страна на учениците, а што е уште пострашно и од некои новинари, (од некои приватни телевизии), чиј глас оди во етерот, а со тоа внесуваат додатна забуна околу правилниот изговор на самогласното Р.
Изговорот на самогласното Р, во некои наши дијалекти во Источна Македонија, отстапува од стандардниот изговор. Тоа е позабележливо во селските средини. Имено, неправилниот изговор на самогласното Р се состои во тоа што темниот вокал, за којшто во нашата азбука немаме графема, во селските средини редовно се изговара зад Р , па би можеле таа аномалија да ја наречеме – „селски изговор“, зашто ја среќаваме во селските говори и во Источното и во Западното наречје, па не би можеле да ја разгледуваме како дијалектна црта на говорите од Источна Македонија.
Ако тргнеме од фактот дека нашата азбука е фонетско писмо, што ќе рече дека за секој глас имаме графички знак – буква, ќе заклучиме дека во нашиот гласовен систем имаме триесет и еден глас, колку што нашата кирилица има букви. Но, во праксата не е така… нашиот гласовен систем има 32 гласа, а проблемот со темниот вокал го решаваме со апостроф, кој пак има двојна природа – да го замени темниот вокал, при што се чита како некогашното старословенско „ер“, а во друга ситуација заменува глас што отпаднал и не се изговара.
Проблемот е стар, а за него се молчи. На таа тема се обиде да проговори проф. д-р Лилјана Минова- Ѓуркова, но работата се исполитизира и таа се повлече. Лошо е кога за јазични теми разговараат политичарите.
Со овој текст, би сакал да помогнам, да објаснам – како правилно да читаме и при ваква состојба, во отсуство на соодветна графема за темниот вокал.
Кога Р ќе се најде меѓу две согласки, а по согласката не доаѓа самогласка, правилно е темниот вокал да следи по Р.
Пример: врв, грб, Грк, грчки, трн, црв, црн, крт, крв, крвна, срт, стрв, стрвна, дрвна, срп, прв, …
Кога Р ќе се најде меѓу две согласки, а зад втората согласка следува самогласка, правилно е темниот вокал да го изговараме пред Р.
Пример : врвот, грбот, црвот, Гркот, трнот, црвек, црвот, кртот, крвав, црвен, дрво, дрвен, Србин, Хрват, срце, прва,…
Исклучок од ова правило прави изговорот на трње, каде темниот вокал и покрај ваквиот распоред, се изговара по Р.
Местењето на темниот вокал, т.е. неговиот изговор пред или по Р во зависност од распоредот на гласовите во зборот со додавање на наставки, најдобро може да се согледа од следната табела:
Изговор на темниот вокал пред РИзговор по Р
врв
грб
грд
Грк
грм
крв
крт
прв
прст
срп
срт
стрв
цврст
црв
црн
црква
трн
штрк
врвот, врвен,
грбот, грбови, грбав, грбава
грда, грдо, грди,
Грција, Грци
грмушка
грло, грла, грлен
дрво, дрвен, дрвена, дрвено, дрвени
крвав, крвава, крваво, крвави
кртот, кртови, кртечини
прва, прво, први, првенец
срна, срничка, срни
српот, српови
сртот, сртови
стрвен
Србија, Србин
срце, срца, срцев, срцева, срцеви
трло, трла,
црвек
црвен, црвена, црвено, црвени
црна, црно, црни, црнец, – црнее
црковен, црковна, црковни
трнот, трновит
штркот, штркови
врвна, врвни
грбна, грбно, грбни
грчки
грлце
дрвна,
крвна
првпат
прсти, прстен
срнче
стрвна, стрвни
српски
срцка (дијалектно)
цврста, цврсто, цврсти
црвци, црвче, црвлив,
црнка
цркви, црквар
трнлив, трње (исклучок)
црвци, црвче, црвлив,
црнка
цркви, црквар
трнлив, трње (исклучок)
штркле, штркче,

субота, 11. фебруар 2012.

Мотивација на личноста


1. Поим за мотивација
Зборот – мотив, води потекло од латинскиот збор – motivum, италијанскиот – motivo, а значи – потстрек, побуда, повод, поттик, причина; или во уметноста – основна мисла што го натерала уметникот да ја создаде творбата. Зборот мотивација е изведен од зборот мотив, а води потекло од латинскиот зборmotivatio, кој значи – образложување , наведување побуди или причини за нешто.
Често пати можеме од некого да слушнеме – Не сум мотивиран за работа… или – Победија, зашто имаа добар мотив. До целта полесно се стигнува кога личноста е добро мотивирана. Мотивот кај различни типови личности не може да биде ист.
Мотивирањето е сложен процес, од кој зависи успехот на секој поединец, група, тим, проект, програма, па и успехот на целата институција. Разликите меѓу поедини личности, како и карактеристичните модели на секоја личност, произлегуваат од сличностите и разликите во мотивацијата, односно од целите кон кои секој поединец се стреми.


Мотивацијата на поединецот претставува динамичен аспект на личноста. Таа е енергетска и движечка сила на поединецот, ги насочува активностите и управува со однесувањето, па претставува основа на личноста на секој човек.
Обично се мисли дека основен мотив за вработените се парите, т.е. платата што како награда за вложениот труд ја добиваат, а за учениците – оценките. Логично би било оние работници што се подобро платени, или работат во фирми во кои што платите се повисоки, да вложуваат повеќе напори, да работат со поголем мотив. Но, во праксата не е така… Мотивацијата е индивидуален чин и зависи од многу фактори, а факторот наградување или вреднување на резултатите е само еден од факторите, што влијаат на мотивацијата. Инаку, како би се објаснила победата на просечна екипа над фаворизираната или жарот, со кој некој работник „согорува“ во фирма за мизерна плата? Најголемиот мотив секогаш доаѓа однатре, а секоја индивидуа различно се мотивира.
Мотивацијата за учење е состојба кога личноста има мотив нешто да учи или научи. За да можат учениците да постигнуваат успех во учењето, многу важно е да се заинтересирани и мотивирани. Кај мотивираниот ученик, поголеми се и мисловниот напор и степенот на мисловните активности, подобри се концентацијата и вниманието, што доведува до поголеми резултати во учењето.
Кога е во прашање мотивацијата во остварувањето цели и задачи во воспитно – образовниот процес, мотивите се делат на надворешни и внатрешни мотиви.
2.     Елементи кои директно влијаат на мотивацијата

Мотиватори се фактори кои ја поттикнуваат личноста на дејствување и влијаат на однесувањето на поединецот. Тоа  се награди или пак пофални зборови, кои ја зглоемуваат желбата за задоволување на одредена потреба.Покрај внатрешните „движечки сили“, многу  важна е околината и ситуацијата во која личноста се наоѓа.
Елементи кои директно влијаат на мотивацијата се:
Ø     потреби – предизвикани внатре кај поединецот, што го тераат нешто да бара или одбегнува;
Ø     притисоци – кои се предизвикани од интеракција со околината;
Ø     теми – предизвикуваат однесување/ реакција на одредени сегашни настани;
Интеракцијата на овие три елементи ја чини мотивацијата и ја тера личноста на активност.Во процесот на образование се поставуваат основните прашања врзани за мотивацијата, а тоа се:
Ø              Дали е работа на наставникот да ја формира мотивацијата кај ученикот?
Ø              Дали е работа на наставникот да ја пронајде мотивацијата кај ученикот?
За да одговориме на ова прашање, треба да тргнеме од следните факти:
Ø     образованието е процес на социјализација,
Ø     учењето треба да биде низ искуство, со активно учество,
Ø     постоење на основен интерес за она што се учи,
Ø     постоење на лични мотиви,
Ø     треба да постои „импулс“ во процесот, кој ќе може да го „запали фитилот“.
За мотивацијата, т.е. за „палењето на фитилот“, важни се:
Ø     Самодоверба при индивидуалната и групната работа;
Ø     Влијание на средината, (семејството, воннаставни активности, спорт, претходни искуства…
Ø     Психомоторни активности, (водење забелешки, активно слушање, поставување и  остварување цели и функционирање во група)
3. Што влијае на јакнењето на мотивацијата кај ученикот?

Врз јакнењето на мотивацијата кај ученикот влијаат надворешни и внатрешни фактори:

А. Надворешни мотиватори

1. оценување/ резултати
2. односи со другите
3. родители
4. средина
5. училиште
6. награди/ казни
7. воннаставни активности
8. организациски структури
9. цели што се остварливи
10. осмислен процес на подучување
11. работа во групи
12. наставниковата перцепција

Б. Внатрешни мотиватори:

1. способност за решавање на проблеми
2. работни навики
3. амбиција, поставување и постигнување на цели
4. самодоверба
5. темперамент
6. систем на вредности
7. интереси
8. афирмација
9. одговорност
10. чувство за притисок од групата
11. лично доживување на наставниковата перцепција
12. стилови на учење
13. свест за постигнатото / напредокот
Редоследот на внатрешните мотиватори не е според степенот на важноста, а тие кај различни индивидуи би биле различно подредени. Свеста  за постигнатото е најдобриот мотив, кој би требало да ја мотивира секоја личност, а постигнатиот успех ја јакне самодовербата,  му носи признание од околината, што поеинецот го доживува како лична афирмација, а тоа доведува до пораст на амбициите и стремеж кон повисоки дострели. На тој начин ќе се зголемат неговите интереси, а со самото сознание дека до успехот се доаѓа со многу труд, ќе се  зголеми чувството на одговорност, што ќе го натера да ги негува работните навики и да бара нови стилови на учење, а тоа ќе ја зголеми неговата способност за решавање на посложени проблеми.

Личноста на ученикот




Помина времето на строгите, авторитетни наставници, кои без влакна на јазикот ги навредуваа своите ученици, не водејќи сметка за нивните чувства, немајќи ни трунка почит за нивната личност. Сите ние, денешни наставници од средната и постарата генерација, поминавме низ ист или сличен систем, во кој физичките казни беа секојдневие, а споредувањето со животни од типот – мајмун, говедо, стока, овца, пујка, кокошка, квачка -  беа поблага варијанта и звучеа забавно, за разлика од епитетите – идиот, кретен, дебил … или такви кои произлегуваа од физичкиот изглед на ученикот.
И замислете – како се чувствува едно дете, во период на ран пубертет, кое своите големи уши ги доживува како најтежок комплекс, кој се обидува да го прикрие, кога пред очите и ушите на неговите другарчиња, од наставникот ќе биде наречен – Ушле! Како се чувствува дете, чие достоинство е повредено со шамар од повозрасен и претпоставен наставник, кому не само што не може да му се спротивстави, туку се плаши и дома да каже, за да не биде казнето и од сопствениот родител. Како се чувствува ученик, чиј ликовен труд е вреднуван послабо, само затоа што оценките по другите предмети му се просечни. Како се чувствува ученик, кој за ист одговор добива пониска оценка од својот другар, поради немање општи критериуми. Како се чувствува дете, на кое наставникот секој час му вели:
„Ништо нема да биде од тебе!“
Огромна е одговорноста на наставникот, зашто не знае кој е идниот Ајнштајн, Толстој или Тесла, што седи во клупите пред него. Погрешниот пристап на наставникот, место мотивирачки, може да делува демотивирачки, место љубов кон предметот – одбојност и аверзија, место прогрес, кај ученикот да предизвика  пасивност и регрес, место здрави и самоуверени личности, кои ќе бидат способни да се справат со предизвиците, да произведе слаби и несигурни личности кои се плашат да се соочат со проблемите.
Ако некогаш ученикот беше пасивен примач на информации, кој треба внимателно да слуша и да меморира податоци, денес тој е активен чинител во процесот на наставата. Односот меѓу наставникот и ученикот се потпира на взаемно почитување и на рамноправни основи, при што  моќта на авторитетот на наставникот станува незабележлива и неважна. Тие се поставени во хоризонтална положба, а комуникацијата се одвива во двете насоки. Предуслов за таквиот тип односи е познавањето и почитувањето на личноста на ученикот.
Клучниот проблем на современото воспитување е недоволното познавање на личноста на ученикот. Современата психологија од наставникот бара да ги познава типовите на личност, мотивацијата, стиловите на учење, комуникација и создавање емотивна клима во училницата.
Периодот на адолесценција е најбурниот период од човековиот живот и се одликува со бурен физички развој, брз интелектуален развој, потреба од статус на возрасен, признание од врсниците, стекнување и проценка на новите вредности.
Проблемот на авторитетот е еден од основните проблеми со кои се соочува адолесцентот во текот на своето созревање. Конфликтите со возрасните и „одмерувањето на силите“ го доведува до созревање. Постојат илјадници пораки на неприфаќање, кои  наставниците несвесно им ги испраќаат на своите ученици. Тие пораки ја оневозможуваат комуникацијата, ја успоруваат, ја инхибираат или потполно го запираат двонасочниот процес на комуникација, што е неопходен предуслов за да им се помогне на учениците да ги надминат проблемите, што го попречуваат нивното учење. Во периодот на адолесценција се случуваат големи промени.
Кога нешто ќе постигне, кај ученикот се зголемува самодовербата, но ја губи кога ќе му се каже дека постигнатото не е доволно. Една од основните задачи на наставникот би требало да биде негување на самоуверени, толерантни и самостојни млади луѓе. Најзначаен фактор за поттикнувањето на учениците е познавањето и негувањето на неговите способности.
Современиот наставник, мора да има на ум дека секое дете е посебна личност, па според тоа и неговиот однос не може да биде ист кон сите, туку прилагоден кон личноста на ученикот како единка. Според Карл Јунг, постојат осум основни типови личности , направени според четири димензии на типот: екстравертен- интровертетен, сензитивен – интуитивен, мисловен – чувствителен, расудувач – перцепирач.
Во зависност од тоа од каде ја црпат и каде ја фокусираат својата енергија или внимание, Јунг разликуваекстровертен и интровертен тип.
Екстровертниот тип, лесно ќе го препознаете, зашто сака да е во центарот на вниманието, секогаш опкружен од другите. Зборува повеќе, побрзо и погласно од другите. Крева рака и кога не знае, јазикот и реакцијата му се побрзи од мислата. Големи ентузијасти се и полни со енергија, а своите размислувања гласно ги кажуваат и често им упаѓаат во збор на другите. Ним треба да им се дозволи да зборуваат и гласно да размислуваат и не треба да се прекинуваат, напротив – треба да им се овозможи да зборуваат и размислуваат на различни теми, зашто тие ја преферираат вербалната кмуникација.
Ако ученикот е поповлечен, зборува полека и потивко, не значи дека е несигурен и не знае, туку се работи за интровертен тип, кон кого треба наставникот да има посебен пристап. Интровертниот тип обично делува осамено, му се допаѓа да е во сенка… обично е претпазлив и сомничав, не се залетува и никогаш прв не крева рака. Обично одговара кога ќе биде прашан, а зборува полека и тивко и секогаш е воздржан и смирен, а неговите ставови се секогаш одмерени. Пред да каже било што, размислува. Додека одговара, прави паузи, а употребува кратки реченици. Наставникот не треба да го побрзува или да му упаѓа во зборот, ниту да му ги довршува речениците. Треба внимателно да го слуша и да се сосредоточи на една тема. Откако наставникот ќе го постави прашањето, треба да биде стрплив и да го почека да размисли. Интровертниот тип преферира писмена комуникација.

Типови на личности според способноста за примање на информации:
  1. 1. визуелните ученици преферираат да ја видат информацијата,
  2. 2. аудитивните ученици преферираат да ја слушнат информацијата,
  3. 3. кинетичките ученици учат најдобро кога нешто работат или нешто прават
Поради непознавање на личноста на ученикот, доаѓа до конфликти меѓу наставникот и ученикот. Конфликтните ситуации треба да се разгледуваат како здрави, недеструктивни и природни случувања во животот меѓу наставникот и ученикот.
Токму на таков начин, преку познавање на личноста на ученикот,  со воспоставување  комуникација која се потпира на взаемно почитување, може да се воспостави комуникација и наставен процес, во кој моќта станува неважна и незабележлива. Наставникот одбегнува да ја користи моќта, ученикот е свесен за тоа, па затоа не му е потребна моќ што би ја користел за контранапад.
Наставникот што добро ќе ги воочи различните типови на личности во одделението, (сам или во соработка со училишниот психолог) и кон нив ќе постапува соодветно, од своите ученици ќе го извлече максимумот, ќе знае како да ги мотивира и од нив да направи здрави индивидуи, полни со самодоверба и готвност да се носат со предизвиците што ги очекуваат во иднина.

(Кому му е) грижа за јазикот ?




Милоста кон народниiо iазик iет наш долг и наше прао. Ниiе сме должни да милуаме нашиiот iазик, зашчо тоi iет наш, исто така, као шчо ни iет наша таткоината ни… Ниiе имаме и прао, осем долгот, да браниме нашиiот iазик и тоа прао ни iет свешчено. – К.П. Мисирков
Веќе дваесет години Република Македонија е самостојна држава, а грижата за нашиот јазик, никогаш не била на толку ниско рамниште. За да биде парадоксот поголем, опасноста, т.е. негрижата за него, започна со осамостојувањето на Република Македонија како посебна држава. Некогаш, опасноста за јазикот доаѓаше од север, зашто најголем дел од печатените гласила беа на српски, добар дел од книжниот фонд во библиотеките беше на српски, а за стручната литература и да не зборуваме. И наместо да се чисти јазикот од разните  – изми, што и онака ги имавме во огромен број, бевме (и се’ уште сме) буквално преплавени од нови странцизми, кои секојдневно ни ги туркаа(т) во ушите новопечените, млади новинари.
Со распадот на СФРЈ, настана празнина и во информативниот простор, кога се во прашање печатените медиуми. Паралелно течеше процесот на приватизација и никнењето на новите електронски гласила, кои првин срамежливо, а потоа се’ похрабро, го освојуваа просторот. Никнаа првите приватни радиостаници, а нешто подоцна и првите комерцијални телевизии, кои зрачеа сигнал на помал простор. И во едните и во другите, во улога на водители се појавуваа млади ентузијасти, кои имаа желба да бидат слушнати или видени, имаа убава надворешност, но не беа стручно подготвени за предизвикот пред кој беа исправени и покрај добрите намери. Имаа лошо акцентирање, (третосложно акцентирање на глаголските прилози и кај зборовите од туѓо потекло кај кои акцентот паѓа на вториот слог од крајот или на последниот слог), неправилен изговор на самогласното –Р, некои претеруваа со акцентските целости, (речиси карикираа), а за некои воопшто не постоеја. Исклучоците беа вистинска реткост. Единствената институција, која имаше школа за водители и  внимаваше на квалитетот, водеше грижа за јазикот и имаше образовна програма, беше МРТВ. Останатите телевизиски куќи, кои успеаја да се наметнат на целата територија од државата, во трката за поголем дел од рекламниот колач, се наметнуваа(т) со емисии кои треба(ше) да имаат поголема гледаност, а со тоа и повеќе реклами, но при тоа не водеа сметка за стучноста и способностите  на водителите. Почна да се негува скопскиот дијалект, уличниот говор, жаргонизмите, кои веројатно се правдаа со целната група на гледачи. Тоа, помалите локални телевизии, го сфатија како сигнал, па и тие отпочнаа со емисии на своите дијалекти. Колку и да звучи симпатично во реклама: „ Ти гу газаш, он та топле… Глеј го, чинаш ки т’ прагуворе…“ и веројатно ја постигнува целта, грдо звучат емисиите во кои се разговара на струмички дијалект. Дијалектите се богатство на секој јазик, но  во медиумите треба да се негува употребата на литературниот јазик.
Некои новинари за да ги збунат гледачите со својата ученост, меѓу себе како да се натпреваруваа(т) – кој повеќе англиканизми ќе употреби. Морам да ја нагласам лошата дикција на дел од новинарите, кои со своето непознавање на јазикот и неправилното читање станаа препознатливи. Колку и да не поседува самата ТВ- куќа своја школа за водители, веројатно, според законот, имаат вработено лектор, или во најмала рака има некој поискусен, кој може да им укаже на овие новинари – како се чита правилно и дека правописните знаци треба да се почитуваат. Но, претпоставувам дека и тие завршиле некаква школа, ако не за новинари, тогаш – во основно учеле за правописните знаци. Нивното читање лошо би поминало и на обичен, школски час, а камоли во етерот. Целта на новинарот не е само објективно да информира, туку и да ја негува правилната употреба на јазикот, зашто ним, на новинарите, тој им е алатка со која заработуваат за живот. Најмногу време пред телевизорот поминуваат децата и постарите лица. А тие, децата, освен во училиштето, литературниот јазик го учат и од медиумите.  А каков е јазикот во медиумите? Постарите, добар дел од она што го слушаат, не го разбираат. Не дека не го знаат јазикот на своите прадедовци, туку многу од зборовите што ги слушаат на вестите се заемки од туѓи јазици, најчесто англиканизми од типот –самит, дил, асамблеја, имплементација, дестинација, дистанца, евалуација, едукација, хоспитализиран, брифинг, реплика, бекстејџ, стајлинг, имиџ, тајминг… А децата, во почетокот не ги разбираат, но откако ќе ги научат, ги прифаќаат како дел од својот јазик, па на тој начин од јазикот на своите предци  прават јазичен хибрид.
Состојбата со јазикот, (нивото на писменоста и односот кон сопствениот јазик), најдобро се отсликува на интернет. На интернет, на еден или на друг начин, се присутни речиси сите образовни и старосни структури, (веројатно исклучок прават постарите лица, кои не фатија чекор со новото време). Интернетот, како интерактивен медиум, му овозможува не секој поединец, по примањето на некоја информација, да остави коментар, самиот да пласира информација на некоја од социјалните мрежи или да креира блог. И покрај кампањата – Пишувај кирилица, добар  дел од интернет-корисниците пишуваат со латиница, што зборува за еден лош однос кон сопствениот јазик и писмо. И во текстовите и во коментарите видлива е употребата на англиканизми, цели фрази на англиски, (испишани со латиница а некогаш и со кирилица), користење на англиски скратени зборови,(прифатени од допишување со странци), и ниско ниво на познавање на сопствениот јазик и правопис. Користењето на латиницата на интернет, потоа се одразува негативно ( кај дел од учениците), па и кога пишуваат кирилица, место Ж пишуваат З, место Ч – Ц , место Ш – С… На тој начин се извитоперува мајчиниот јазик и станува – непрепознатлив.
Загрижувачка е состојбата и во училиштата, каде освен на часовите по Македонски јазик и литература, на другите предмети се допушта локалниот говор, а некогаш и самите наставници прибегнуваат кон употреба на дијалектот.
Посебна приказна е говорот на народните избраници во Собранието и јазикот на политичарите, кај кои се забележува неправилно акцентирање, употреба на дијалектни форми и претерана употреба на интернационализми. Состојбата на локално ниво е уште позагрижувачка. Во единиците на локалната самоуправа не се почитува Законот за употреба на македонскиот јазик. Добар дел од советниците, дали од незнаење или непочитување на сопствениот јазик, прибегнуваат кон  користење локален говор.
А законодавецот предвидел и казни за секое прекршување на Законот за употреба на македонскиот јазик. За секој нелекториран текст, што ќе го објават правни лица, како издавачи, фирми, медиуми, општини, институции, ќе следува казна од 2 500 до 3 000 евра, а за одговорните лица, што дозволиле да се објави нелекториран текст, следува казна од 700 до 900 евра. Но, не е познато дали судовите некому изречиле казна за непочитување на овој закон.
Проблемите со јазикот, како и сите други, не се решаваат со казни и забрани. Потребно е да нарасне свеста дека колку ќе го почитуваме, негуваме и чуваме својот јазик, кој ни е наследство од дедовците, толку ќе не има, толку ќе не почитуваат и другите.

петак, 10. фебруар 2012.

Иднината е во рацете на родителите




Доблестите се вечни, затоа да ги учиме децата на вистинските, на темелните вредности. Светот ќе го спасат единствено луѓето што одат по вистинскиот пат.
Длабоко во себе, сите мечтаеме за подобар свет. Него може да го создаде само подобар поединец, па токму затоа сакаме да објасниме – зашто иднината е во рацете на родителите (и на општеството кое има улога на фамилија).
Познато е дека човекот го одредува наследството, околината во која живее и неговата лична активност. Неспорно е дека околината, во која ртастат децата, во последното десетлетие суштински се промени и почна претерано да го загадува нивниот внатрешен свет:
*со филмови со агресија, со поплава од насилни видеоигри, со насилство во светот околу нас;
* со рушење на старите вредности – чесност и почитување, дадено ветување, работа, одговорност, ред и дисциплина - како услови за хумано и цивилизирано живеење, почитување на потребите на другиот, на вистината и правдата;
*со обезвреднувањето доаѓа до одрекување од најголемиот дар или светост – животот;
* со наметнување на погрешни вредности (потрошувачка зависност, зависност од материјални вредности, соништа за лесна заработка – обложувалници, наградни игри, светот на шоу бизнисот...), со понижување на самиот себе со зависности од пушење, алкохол и дрога.
Но, не е се’ изгубено и црно. Семејството, како основна клетка на општеството, сите негативни влијанија, може да ги претвори во позитивни, пред се’ со љубов, блискост и доверба, бидејќи родителот најмногу од се’ му посакува добро на своето дете, (дури и ако тоа не знае да го покаже), а темелите изградени во семејството, многу ретко би можеле да ги загрозат било какви други влијанија. Како резултат на позитивни желби и намери, се создава подобар свет. Затоа, да се обидеме да ги изделиме главните улоги на семејството, упатувајќи на вистинските можности и начини за остварување на подобар и поздрав свет, во кој ќе доминира дух на телесна, душевна, социјална и економска благосостојба, но без болести.
Создавање систем од вредности
Моралноста, со сите хумани вредности кои ги подразбира, се усвојува најпрво пред се’ во семејството, а сите други воспитни влијанија во текот на растењето, се само надградба. Чесното живеење поникнува во семејството, исклучиво низ учење преку примери, за вредностите на заедничкиот живот.
Од родителите се усвојува односот кон вистината, чесноста, работата и одговорноста, доследноста и упорноста. Во семејството се учи да се сака човекот, да се почитува личноста на другиот со потребите и желбите, правата и обврските, емпатијата и  толеранцијата. И најмалите деца разликуваат добро од зло, а низ разговори за и од  животните ситуации, детето учи – што е и зошто е правилно, дека има право и да погреши, дека има право на чувства, дека треба да ги изразува чувствата... се учи несоодветното однесување да го замени со соодветно и прифатливо. Лесно ќе го сфатат и тоа дека со своето однесување ги задоволуваме потребите, а и тоа дека со разговор секогаш може да се пронајде  добро решение за секој проблем.
Детето прифаќа дека добрите намери ќе имаат и добри последици, дури и кога така не изгледа. Се  учи на прифаќање дека секој момент е драгоцен, а посебно е важно да се негува ставот за благодарност за се’ што е и што имаме. Секогаш имаме онолку, колку што навистина ни е потребно, а љубовта кон другите треба практично да се покажува на различни начини. Можеме да поделиме убав збор, време, добри дела, (помош) па и предмети и пари, ако имаме среќа да ги имаме повеќе отколку што навистина ни се потребни и да ги делиме со послабите и понемоќните од нас, а тоа ќе предизвика чувство на корисност.
Во системот на вредности посебно место има истакнувањето на вредноста и величината на животот и грижата за здравјето на телото (исхраната, доволното спиење,  движењето и занимавањето со спорт), бидејќи единствено здравјето е услов за благосостојба, среќа и хармонија, тоа е најголемото богатство. Без здравјето, се’ станува неважно... безвредно. Учејќи преку примери, децата го прифаќаат одговорното однесување кон сопственото и туѓото здравје. Треба да ја истакнуваме и потребата од усовршување на духот и учењето – стекнувајќи знаења, вештини и способности во најширока смисла.
Многу важно е преку личен пример да се поттикнува детската креативност, откривањето и истражувањето, читањето и занимавањето со културни активности, негувајќи го ставот дека колку повеќе знаеме, толку сме побогати, дека знаењето е вистинското богатство и услов за благосостојба и личен напредок, како и за напредокот на заедницата како целина.
За похумано живеење потребни се поттикнување и почитување на слободата и одговорноста, индивидуалноста, (имањето став да се биде свој), потенцијалната совршеност и неповторливост на секое живо суштество, но и прифаќање на разликите, со поттик за ширење на видиците, отвореноста и одбегнување на секаков конфликт, ограниченост или затвореност. Децата многу лесно сфаќаат дека секој има право на свој поглед на светот, на навики и интереси и дека придобивка на цивилизираноста е да му  се допушти секому слобода, додека таа не почне лично да го загрозува, а тоа лесно се илустрира со заклучокот дека светот е побогат воколку има повеќе различности.
Не смееме да го заборавиме и примерот за јакнење на еколошката свест, за чувањето на околината и на секое живо суштество и на нашата планетата.
Фундаментална доверба
Чувството на сигурност во животот, чувството дека вселената се развива како што треба, дека животот е радост, уживање, откривање,  давање, величествен и вечен, дека секогаш има смисла, дека животните проблеми се столбови на кои се темели напредокот и дека секогаш имаат решение – секогаш потврдува семејството.
Семејството е љубов, сигурност, блискост, прифаќање и кога не сме совршени. Само така се учи да  прифаќа, да се сака  самиот себе и другите, а оној кому му е укажана доверба, ретко ќе го изневерат. Во овие немирни времиња, дури и кога ни е тешко, да пронајдеме оптимизам и да ги поткрепиме надежите на младите за некоја убава иднина, со уверување дека  секој е ковач на сопствената среќа и единственото делче од вселената кое можеме да го промениме и дека самите  ја создаваме сопствената реалност. Да ги  потикнеме децата да имаат соништа и цели кон кои треба да се стремат да ги остварат. Да ја истакнуваме важноста на животната радост и среќата како цел во животот.




Се заборава дека среќата е духовна категорија, дека ја нема надвор од нас и дека не може  да се купи и да се постигне со материјалното и дека потполна среќа носи само она што е заслужено, со труд стекнато (се’ што е вредно не е лесно) и кога моето добро придонесува за повисок степен на доброто. Да ја негуваме довербата во луѓето, да ги учиме да помагаат и да посакуваат подобро  за секој, бидејќи така општото добро расте (она на што посветуваме време и енергија, расте). Така сите стануваме позадоволни, постабилни, посмирени. Кон тоа секако придонесува истакнувањето на важноста од сопствениот мир (мирот започнува со мене), па да ги навикнуваме на вежбање на опуштање, што е алатка и услов за постигнување на мирот.


Развој на самодовербата
Клучот за успех во животот е сознанието,т.е. чувството на самоувереност дека сме вредни за сакање и дека сме способни. Најмалку се разликуваме по можностите и способностите, суштината е во самодовербата, а семејтвото е нејзин темел.
Децата, кај кои во системот на вредности учењето зазема високо место (како љубов спрема учењето и навика и потреба од постојано усовршување), секогаш ќе имаат подобри искуства во секоја новонастаната ситуација и повеќе самодоверба.
Во сето тоа  најважно е како појдовна точка да се прифати сознанието за единственоста на детето и неговата неповторливост: токму такви какви што сме, битни сме во вселената, бидејќи без нас таа не би била иста. Детето има право на свој пат и на свои амбиции. Најважно е да се откриваат силните страни и дарбите на детето и во тоа да се поттикнува, создавајќи му можности за бавење со најразлични активности и работи, без да му ги наметнуваме од нас посакуваните резултати. Детето треба да испроба најразновидни хобија и воншколски активности, оние вистинските ќе опстанат. Досадата е опасна. Иако на децата им се потребни акции и предизвици, бидејќи активностите предизвикуваат исполнетост, со активностите не треба да се претерува.
Секогаш треба да имаме на ум дека успехот е најголем мотив. За стекнување самодоверба многу помагаат топлото однесување,  поголемата срдечност,афирмативното и оптимизмот. Соперништвото, конкуренцијата и споредувањето секогаш се штетни. Иако своите можности и возрасните и децата можаат да ги развиваат само ако имаат чувство на посветена доверба, факт е дека 90% од наставниците, родителите и претпоставените имаат авторитативен стил на воспитување и однесување. Довербата најдобро се постигнува со одобрување  и пофалби (денес на една пофалба доаѓаат 10 прекори или казни!). Успешните деца во сите активности добиваат повеќе пофалби и охрабрувања, а помалку казни.
Стравот е најголем непријател на учењето и на развојот на самодовербата. Мозокот не функционира во страв, туку е блокиран за било какви активности. Ако чувствуваат помалку страв, ќе бидат повредни; колку  помалку крути правила, толку поголема флексибилност. Детето треба да ги знае границите,(настојувам бидејќи те почитувам; кој бара упорно – потребно му е), но и тоа има право на контрола на ситуацијата. Важно е родителите да ги изразат своите очекувања и да му допуштат на детето да ги изрази своите чувства.
Затоа, што почесто треба да се прашува детето – дали е задоволно со успехот, активно да се слуша, да се соживее со ситуацијата на детето, почитувајќи го неговиот напор и секогаш да му се допушти да каже дали мисли дека може и подобро и дали сака да се обиде, а грешките да ги прифаќа како дел од учењето.Неодобрувањето треба одлучно да се изрази, но не да се осудува и прекорува. Истовремено, важно е детето да знае дека е безусловно сакано, а тоа треба често да му се покажува. Ако детето и по втор пат прави нешто неуспешно, родителот ќе му помогне да го менува однесувањето покажувајќи му како да се поправи, нудејќи му можности за избор со предлози на детето,(што повеќе можности – причини за  и против, предвидувања на последиците: што би можело да се случи ако...). Нека ги испроба последиците на сопственото однесување, а лошото  да се обиде да го надополни со позитивно.
Да запомниме, хуморот е зачинот на животот, овозможува слободен простор што ги олеснува и најтешките ситуации.
За создавање чувство на самодоверба, важни  се и вештините што не се учат во училиштето, (спремањето на собата, грижата за автомобилот, за домашното милениче, готвење и миење садови), а извршувањето на задачите создава чувство на гордост. Да не заборавиме ни тоа, дека децата имаат право на одмор, забава, дружење со врсниците, на пријателства и тајни.
Патот до целта е повреден и од самата цел
Се’ е битно и сите сме важни, бидејќи децата се огледуваат на нас, а бидејќи единствено примерот воспитува (нема ништо пострашно  од мудри зборови проследени од лош пример), да им бидеме пример.
Ако не ги поттикнуваме, можеби нема да бараат повеќе во животот. Секогаш треба да го признаваме трудот, волјата, обидот, па и најмалата позитивна промена, бидејќи патот до целта е повреден и од самата цел.
Важно е децата да знаат дека сме им поддршка, дека сме им благодарни за учењето, искуството и љубовта што ни ја донеле во животот и дека ни е најважно да бидат среќни и задоволни луѓе. Секој момент да им биде исполнет. Да ги поттикнуваме да мечтаат, да ги поместуваат границите, да си поставуваат цели и да летаат по своите соништа, настојувајќи да ги остварат. Така ќе стануваат подобри луѓе, бидејќи само среќните луѓе се добри, а добрината како врвна доблест е она што му недотига на современиот свет. А недостига и мир, чесност и благодарност.
Доблестите се вечни, да ги учиме за вистинските вредности, да ги учиме за она што е важно. Светот ќе го спасат единствено луѓето што одат по вистинскиот пат. Изборот е наш, сите сме одговорни. Затоа, иднината буквално е во рацете на родителите. Понов, похуман и за човекот подостоинствен свет, во кој секој ќе има право на среќа, здравје и благосостојба, ќе создадат единствено децата што ќе ги одгледуваме во тој дух. Но , ако ни се причини дека младите се во нешто негативни, „полоши од нас“, да се сетиме...
...Живееме во декадентно време. Младите веќе не ги почитуваат родителите. Дрски се,нестрпливи, посетуваат таверни и немаат никаква самоконтрола.“ (натпис од египетска гробница, 3000 год. пред Исус)

Автор на текстот е Катица Молнар , педагог.