уторак, 24. април 2012.

МУВИ - ФЕСТ или „Микрософт Филмски Фестивал“


Во понеделник, 23. април 2012. год. пред киното Милениум се собраа наставниците кои со свои видеа учествуваа на филмскиот фестивал за наставници, организиран од Мајкрософт.

Со свои видеа учествувавме и ние, членовите на групата „Креативци“, кои по пат на интернет се обучувавме, под будното око на колешката Аида Петровска, за работа со Муви Мејкер и другите придружни алатки, корисни за наставата и за наставници кои сакаат нови предизвици.

 Интересни беа средбите со колегите и колешките, со кои разменувавме искуства, се советувавме, се смеевме и се радувавме на почетните успеси и првите несигурни чекори со програмите на Мајкрософт.

Пред почетокот требаше да ги добиеме своите сертификати, но морам да признам се создаде непотребна гужва поради лошата организација. Точно за напладне беа закажани проекциите, а ним им претходеше обраќањето на Министерот за образование и наука - Панче Кралев.

На фестивалот учествувале вкупно 400 иновативни наставници со 450 видеа, распоредени во шест категории. Свои обраќања покрај Министерот имаа и:
Илијанчо Гаговски, Директор на Микрософт Македонија;
Љубица Ружинска, Наставник по Англиски јазик, О.У Блаже Конески, Скопје;
Сатки Исмаили, (кој ги освои симпатиите на присутните со својата духовитост), Наставник по Математика, О.У Кирил и Методиј, Тетово;
Дарко Талески и Драгица Здравеска (победници на Европскиот Натпревар на Микрософт), О.У Кирил и Методиј , с.Канатларци, Прилеп;

и секако, завршен збор имаше Влора Адеми, Менаџер на Академската Програма на Микрософт, со која се сликав.
Имињата на наградените од шесте категории не успеав да ги запомнам или запишам... искрено им честитам на победниците зашто поседуваа повеќе искуство и умеење од другите, но за некоја година се надевам дека ќе бидат надминати од сегашните „почетници“.
Пред и по фестивалот, поминавме пријатни мигови во меѓусебно дружење, во атмосфера каква што умеат да создадат само членовите на групата „Креативци“.