недеља, 22. септембар 2013.

ПРВА СРЕДБА СО ПАРТНЕРИТЕ ОД ТЕТОВО

Во петокот, (19.09.2013) на иницијатива на членовите на тимот за Меѓуетничка интеграција во образованието на партнер-училиштето „Наим Фрашери“од Тетово, во просториите на нашето училиште се оствари првата работна средба, на која ги договоривме нашите заеднички акции и динамиката со која ќе се реализираат тие.

Колегите од ООУ„ Наим Фрашери “ за свој партнер, покрај нашето училиште, го имаат и училиштето од Муртино, па сакаа преку непосредна средба да ги разгледаат плановите за заедничка соработка, нашите и оние од ООУ„Маршал Тито“ од Муртино,  да ги усогласат со своите можности и да направат план како да дејствуваме заеднички, а тоа да биде домаќински.


недеља, 28. април 2013.

УЛОГАТА НА УЧИЛИШНИТЕ ОДБОРИ ВО ПРОМЕНИТЕ ЗА МИО

Во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието,што се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука,вчера, 27.04.2013 г. во хотелот Континентал во Скопје, се одржа обука на тема „Улогата на УО во промените за меѓуетничката интеграција, на кој учествуваа по двајца претставници на УО од училиштата на пилот-општините Битола, Бутел, Тетово и Струмица.

 photo DSCN8895-1.jpg
На обуката се работеше во две групи по следнава агенда:1. Воведување на УО во активностите на ПМИО. 2. Улогата на УО во промените за меѓуетничка интеграција во образованието (I и II дел)3. Рефлексија и евалуација на обуката.  photo DSCN8893.jpg
Нашето училиште го претставувавме јас (како претставник од наставниот кадар на УО и Билјана Петрова, претставник од родителите.  photo DSCN8891.jpg
Главна цел на обуката беше претставниците на УО да се запознаат со концептот за меѓуетничка интеграција во образованието и да се стекнат со знаења и вештини за примена на приодите и стратегиите за подобрување на состојбите во поглед на меѓуетничката интеграција на ниво на училиште.  photo DSCN8899.jpg
 photo DSCN8900.jpg
 photo DSCN8910.jpg
 photo DSCN8914.jpg
 photo DSCN8928.jpg
 photo DSCN8930.jpg
 photo DSCN8934.jpg
Потоа, ние, претставниците на УО, ќе треба да ги пренесеме стекнатите знаења на своите колешки и колеги за да можат да го дадат својот придонес во креирањето на училишните политики и стратегии за унапредена меѓуетничка интеграција во училишната атмосфера.  photo DSCN8935.jpg
 photo DSCN8936.jpg

петак, 29. март 2013.

УЛОГАТА НА ШМИНКАТА ВО ТЕАТАРОТ И ФИЛМОТ

Шминката или шминкањето претставува нанесување на природни или вештачки материи на кожата на лицето, со цел да се истакнат некои делови - очите, јаболчниците и усните или да се прикријат одредени недостатоци, да се покријат брчките, борите или акните.
Шминкањето  е старо речиси колку и човештвото, но не секогаш се правело со исти побуди, т.е. да се истакне убавината, да привлече внимание или да прикрие. И првобитниот човек се шминкал. На својата кожа нанесувал крв од убиено животно или глина во боја за да изгледа пострашно, да ги уплаши непријателите, а подоцна со откривањето на огнот, го користел јагленовиот прав помешан со глина за да се исцрни. Првобитниот човек веројатно шминката повеќе ја користел за камуфлажа додека ловел и да се направи пострашен одошто е во борбата со непријателите.

Шминката за разубавување почнала да се користи пред 6 000 години во древниот Египет, за што сведочат и сликите по ѕидовите на внатрешните простории на пирамидите. Освен жените, во древен Египет се шминкале и мажите, кои нанесувале јагленов прав на очните капаци, посебно нагласувајќи го горниот очен капак.



Древните Персијки почнале да користат к’на, со која ги бојадисувале косата и лицето, а Римјанките користеле јаглен за да ги нагласат очите, црвенило за усните, а со креда го избелувале лицето.
Во 17. век, во желбата да изгледаат поубави, жените користеле пудра која содржела арсен, кој бил причина за смртта на многу сопружници и љубовници.
Шминката била неизбежен дел од лицето на артистите. Некогаш во недостаток на артистки, мажите биле принудени да толкуваат женски улоги, но за да ја воведат публиката во својата улога и да изгледаат поубедливо, користеле шминка, руменило за усните и ставале перика.
Со помош на шминката во театарот и повозрасните артисти толкувале улоги на помлади или обратно - со нејзина помош  помладите можеле да добијат изглед на постари од она што се.
Филмот е речиси незамислив без употреба на шминка, зашто со нејзина помош се менува тенот на лицето (може да се затемни, осветли или да се зарумени), да се прикријат недостатоците, деформитетите, да се покријат борите, да се нагласат очите или усните...



Консултиран материјал: Кратка историја на шминката

недеља, 10. фебруар 2013.

ТРИБИНА- Филмот и театарот во образовниот процес кај младите



Во петокот (08.02.2013) , во малата сала на некогашниот Дом на АРМ, со почеток во 19.00, се одржа трибина во организација на Младинскиот совет и Тивериополската филмска алијанса на тема Филмот и театарот во образовниот процес кај младите. На трибината беа поканети наставниците по Македонски јазик и членовите на драмските, новинарските и другите литературни секции.
На присутните им се обратија, (покрај организаторот), Зоран Узунов, инспектор за обраование, кој долги години ја водеше Секцијата за филм во склоп на Домот на народна техника. Узунов се наврати на времињата, кога таму се правеле првите чекори во светот на филмот, оној аматерскиот... на ентузијазмот со кој се работело најпрво со (ленти) осмици, а потоа и со шеснаесетки, кога филмовите се праќале на развивање во Германија, па се чекало по петнаесетина дена. Како резултат на активноста на таа секција се неколкуте филмски режисери, меѓу кои и Горан Тренчовски и сегашниот  интернационален фестивал за документарен и краток филм - АСТЕРФЕСТ.
Од името на Тивериополската филмска алијанса на присутните им се обрати Горан Тренчовски, кој зборуваше за своите искуства како вработен режисер во повеќе редакции на МРТВ и нагласи дека во недостаток на киното Балкан, кое беше култно место, младите се препуштени на содржините на интернетот и многу малку знаат за светот на филмот. Тој даде ветување дека ќе се потруди да донесе вредни филмови од Кинотеката на Македонија, кои не подлежат на авторски права, за да можат младите луѓе да се запознаат со некои вредни остварувања. Тренчовски потсети дека освен МРТВ , како јавен сервис, останатите комерцијални телевизии не продуцираат едукативна програма, а за некакви филмски остварувања и да не зборуваме.
Гостинот од Скопје, предавач на Универзитетот ЕСРА, рече дека интернетот е полн со клипчиња, нестручно и невкусно сработени, зашто децата и нема кој да ги упати во светот на филмот. Професорите по македонски јазик оние десет часа по Медиумска култура којзнае и дали ги работат, зашто ги чувствуваат како товар во недостаток на стручни познавања и литература од областа на филмот, па предложи во иднина, во средните училишта, да се воведе предмет Филмска уметност, кој ќе го предаваат филмски режисери, а не приучени или тотално незаинтересирани наставници.

четвртак, 10. јануар 2013.

Дисеминација


Денес, во просториите на ООУ „Даме Груев“ во Куклиш, ние од тимот за меѓуетничка интеграција, одржавме дисеминација за колегите од одделенска настава. Семинарот започна во 9.00 часот, а ние од тимот стигнавме еден час порано заради неопходните подготовки, (проверка на исправноста на техниката, која веќе беше поставена претходниот ден), како и адаптација во просторот.


Проектот за меѓуетничка интеграција во  образованието е проект на USAID во Македонија, што го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование,  обуката е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување  конфликти, како партнерска организација, а е поддржан и од владата на Република Македонија. Проектот ќе трае до 2015 година.

Мене, како на прв презентер, ми припадна честа да ги поздравам присутните и да им посакам успешна работа на семинарот... а се разбира и да ја разбијам почетната трема.


На семинарот,покрај колегите учесници на семинарот, со своето присуство не удостоија и госпоѓата Лиле Арсова, училишен психолог од Кочани, инаку ментор на нашиот тим и господинот Блерим Јашари, претставник на НВО ЛОЈА од Тетово - во улога на мониторинг.

Мојот дел од работата на семинарот се однесуваше на воведните активности и правењето разлика меѓу мултикултурно и мултиетничко интегрирано образование.
 Следниот презентер, нашиот колега - Александар Костадинов, иако млад по возраст, делуваше многу искусно и зрело.
По првата кафе-пауза, работата на семинарот продолжи со презентацијата на нашиот колега Костадин Трајков, кој многу сериозно и одговорно му пристапи на семинарот.
Како времето одминуваше, се потврди дека ние, членовите од тимот за меѓуетничка интеграција добро сме се подготвиле, секој од нас сериозно ја сфатил работата и функциониравме како вистински тим кој добро се познава, а атмосферата беше кооперативна.

На крајот, откако успешно ја завршивме работата, следуваше заедничка фотографија и средување на впечатоците... Утре, не чека нов предизвик со колегите од предметна настава, но воопшто не се сомневам во квалитетите на нашиот тим и однапред знам дека одлично ќе се претставиме.