петак, 27. јун 2014.

ПОСЛЕДНОТО ПРЕДАВАЊЕ НА ПРОФЕСОРОТ КОНДОВСКИ



-          „Кој пуши, нека запали, рече професорот со длабок бас, кој како да идеше од бунар, и повлече длабок дим од цигарата. – Седнете удобно, завалете се, зашто нема да бидам краток. Ова е наша последна средба... последно предавање, без интерпункција, па сакам да бидете слободни. Не сме ограничени со времето. Ова не е класичен час“...
-          Каква среќа, си помислив. Ги донесов двајцата колеги да ги разгледаат сликите од студентите на Ликовната академија, која традиционално беше во мај, а ете – ќе имаат среќа да го чујат професорот Кондовски. Не знам ни дали не забележа некој кога се прикрадовме како крадци. Лицата на студентите не им ги гледав. Единственото светло паѓаше врз професорот. Го гледав оддалеку, но сосема јасно го слушав неговиот глас:
-          „Годинава вие ќе завршите и ќе се распрснете по светот, барајќи ја сопствената среќа и секој од вас  надевајќи се дека ќе стекне светска слава. Ви препорачувам секој од вас да си најдете некој штотуку завршен студент од Историја на уметност, зашто и онака немаат што да прават, да ви напише рецензија за вашата прва самостојна изложба. Тој кутриот ќе се загледува во вашите слики, обидувајќи се да протолкува што сте сакале да кажете, па не можејќи да го најде одговорот, а плашејќи се да не испадне глупав, ќе се разбуричка по своите книги и одовде, одонде ќе испрепише по некој ред од големите умови, па ќе направи некоја целина на која ни Бог не може да и го најде крајот, а и вие кога ќе прочитате, ќе подзинете, зашто самите не сте свесни што сте сакале да кажете, а ни тој, кутриот, не ќе умее на отварањето на изложбата да го прочита, а камоли да го разбере она што го срочил... А народот ќе остане со подзината уста... колку понеразбирливо – толку подобро. Во уметноста и во животот трудете се да бидете свои, да имате свој препознатлив ракопис, но никогаш не заборавајте кои се вашите корени. Нашите корени се во византиското сликарство. Ги имаме најрепрезентативните икони и фрескоживописи. По тоа не препознава светот. Кога ќе трнете по светот, немојте да се трудите да им го продадете она што ние од нив го научивме. Не можете да бидете подобри во апстрактното сликарство од Германците, кога Апстракционизмот од таму дојде. Сликарството е поврзано со начинот на размислување, а ние не сме подобри во апстрактно размислување од самите Германци. Да му продаваш на Германец апстракција е исто како да се обидеш да продадеш гулаб во Венеција, или да одиш во Париз со своја жена... На западот понудете му го византискиот стил. Иконите се врежани во нашата потсвест, во нашиот код. Паметам, кога бев дете, нашата куќа беше во близина на црквата и честопати во дворот на црквата игравме фудбал како деца“... - И лицето на стариот обелен професор, на чие високо чело паѓаше сребрен прамен од убаво потстрижената коса, се озари. Гледаше некаде високо, кон таванот, а пред неговите очи заигруваше сликата... Јас го замислував дворот од нашата црква и гледав деца што играа фудбал.
-          „Топката честопати влегуваше во црквата и јас влегував да ја земам... Но, штом ќе влезев внатре, ме обземаше онаа чудна, свечена тишина, што владее по црквите. Од ѕидовите на црквата ме гледаа очите на светците – строги, испиени, аскетски, милозливи. Тие очи, тој колорит се врежа во мене и јас од тоа не можам да побегнам. Што и да сликам, секогаш се навраќам на тие спомени, на тие слики од детството...тие очи и денес се пред мене. Многумина од вас ќе го видат Париз и сигурно ќе го посетат Лувр. Немојте да се разочарате како мојот професор по сликарство, кога ќе се соочите со делата на генијалните мајстори. Тој кутриот, бил добар сликар, а по враќањето од специјализација, боите и четките ги ставил во корпата и никогаш повеќе не се ни обидел да слика. Кога застанал пред оригиналите на сите оние мајстори, чии слики ги гледал од фотографии, на кои и порано им се восхитувал, се почувствувал поразен... се соочил со сопствената маленкост. – Јас така никогаш не ќе можам да сликам, си рекол и престанал да слика. Ни предаваше сликарство, а никогаш не го видовме да фати четка в рака. Сигурно и некој од вас ќе го почувствува истиот страв, но не се откажувајте. Иднината им припаѓа на упорните, а не на талентираните. Што е талентот без работа? Многу талентирани сликари си останале само со талентот и станале клошари.“
-          Погледнав во колегите... на лицата им се читаше восхит. Никола држеше незапалена цигара меѓу прстите, а во другата рака држеше запалка. Којзнае колку време ја држеше незапалена, плашејќи се со чкрапањето да не ја наруши тишината, од која допираше само длабокиот глас на професорот. Кога ни се сретнаа погледите, Никола ми кимна со главата и без да прозбори ниту збор го разбрав што сака да ми каже. Ми беше благодарен што ги донесов овде. Веројатно и тие, моите колеги се прашуваа како и јас... нам ни предаваа поети, луѓе од перо, но никој од нив ја немаше онаа говорничка дарба што ја имаше професорот Кондовски. Ја немаа ниту бојата на гласот, ниту неговата епска смиреност, а мислата му течеше спокојно како Дунав. Во своето обраќање пред своите студенти, професорот на еден чуден начин направи пресек на историјата на сликарството и на човештвото воопшто, при тоа осврнувајќи се на општествено-историските околности во кои се раѓале новите правци, на големите научни откритија што го придвижиле тркалото на историјата напред, не пропуштајќи да им рецитира со невидена дарба стихови од најзначајните претставници од сите правци. Беше комплетен ум, не само уметник... беше интелектуалец во вистинска смисла. А тоа сакаше и да им го предочи и на своите студенти. Зашто сликарот не е обичен молер кој одлично ги познава боите. Сликарот мора да биде авангарда во општеството, а за да биде тоа, мора да знае што се случувало порано, што се случува околу него... тој мора да биде информиран, начитан, да има критички став, да има свое мислење за се...да биде свој. Никој од нас не погледнуваше на часовникот, како кога бевме на нашите предавања. Кога заврши професорот, речиси на прсти, како што и дојдовме, го напуштивме Сули ан исполнети...

петак, 18. април 2014.

ПРОБИ ПО ПАТ НА ИНЕРНЕТ

Да се работи на заеднички проект, во кој треба изразно средство да е јазикот и тоа не својот, мајчиниот, туку јазикот на „другиот“, соработникот во заедничкиот проект, потребно е повеќе време. Откако на консултативната средба во Тетово, се договоривме околу текстот и ги поделивме улогите, требаше да се отпочне со пробите. За побрза и полесна комуникација меѓу учесниците во заедничкиот проект, формиравме група на Фејзбук, како социјална мрежа која масовно ја користат сите ученици, учесници во проектот.


























За почеток, пробите требаше да се одвиваат преку Skipe, во двојки и тоа надвор од времето за редовна настава, а со цел подобро запознавање на учесниците, нивно спријателување и взаемно почитување. Кога работите на заеднички проблем, кога сте дел од тимот, кога нештата не зависат исклучиво само од вас и вашите способности, своите навики и слободно време морате да ги прилагодите кон потребите на партнерот со кој моментално соработувате или на тимот. На почетокот се соочувавме со неуспешни договори за средби преку Skipe, со слаб интернет и лоши врски, со повредени суети поради одложена проба, но како времето одминуваше, растеше и одговорноста и стравот околу успешноста на проектот. Децата се повеќе сфаќаа дека еден на друг си се потребни, дека едни без други не можат кога е во прашање проект од таков вид.


























Последната проба се одвиваше речиси без наше менторство... јас и колешката Миневер Бафтијари, поради обврски кон редовната настава, ги оставивме децата самите да се менторираат: Лејла и Алиме на моите ученици им помагаа околу правилниот изговор на албански, а тие, моите ученици, им даваа „стручни совети“ за изговорот на македонски јазик.
                                                                                                                                                                     

понедељак, 10. март 2014.

РАБОТНА СРЕДБА ВО ТЕТОВО

По дваесет и четири години, повторно го почувствував здивот на Шара ... оној чист и студен здив, измиен од снеговите на нејзините врвови. И затоа се израдував кога ме информираа дека ќе треба да одам за Тетово на консултативна средба, за да конкретизираме некои  работи околу проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието.
Уште на самиот влез во градот почувствував дека ќе видам едно ново Тетово, кое во изминатите 24 години се градело и растело во модерен, урбан центар и убаво место за живеење. Училиштето „Наим Фрашери“, со кое имаме воспоставено партнерска соработка, се наоѓа во близина на Шарената Џамија.

Само што стигнавме во училишниот двор, топло не пречека нашата домаќинка, или човекот за контакти- Сенија.

Во канцеларијата на директорот се задржавме кратко... Не информираат патем дека нивното училиште веројатно е најголемото во Македонија , според бројот на ученици, без подрачни училишта имаат 1600 ученика. За нас таа бројка е мислена именка. Откако каснавме во блискиот модерен млечен ресторан и испивме по едно кафе, направивме мала обиколка за да ги видиме двата универзитета, на кои со право нашите домаќини се горди.


Се враќаме назад, во канцеларијата на директорот, да го сработиме она за што сме дојдени, да се договориме како и што ќе работиме - јас со Миневер Бафтијари, колешката од „Наим Фрашери“, која предава Албански јазик,

 а колешката Снежана со Вјолца.


Кога заврши работниот дел од состанокот, нашите љубезни домаќини сакаа што повеќе да ни покажат од својот град, но времето беше кратко, па моравме да поминеме само со теќето и Шарената Џамија.




Многу работи останаа невидени, поради краткоста на времето, но ги оставивме за некоја друга средба, која не мора да биде работна... а дотогаш - довидување Тетово!