недеља, 10. фебруар 2013.

ТРИБИНА- Филмот и театарот во образовниот процес кај младите



Во петокот (08.02.2013) , во малата сала на некогашниот Дом на АРМ, со почеток во 19.00, се одржа трибина во организација на Младинскиот совет и Тивериополската филмска алијанса на тема Филмот и театарот во образовниот процес кај младите. На трибината беа поканети наставниците по Македонски јазик и членовите на драмските, новинарските и другите литературни секции.
На присутните им се обратија, (покрај организаторот), Зоран Узунов, инспектор за обраование, кој долги години ја водеше Секцијата за филм во склоп на Домот на народна техника. Узунов се наврати на времињата, кога таму се правеле првите чекори во светот на филмот, оној аматерскиот... на ентузијазмот со кој се работело најпрво со (ленти) осмици, а потоа и со шеснаесетки, кога филмовите се праќале на развивање во Германија, па се чекало по петнаесетина дена. Како резултат на активноста на таа секција се неколкуте филмски режисери, меѓу кои и Горан Тренчовски и сегашниот  интернационален фестивал за документарен и краток филм - АСТЕРФЕСТ.
Од името на Тивериополската филмска алијанса на присутните им се обрати Горан Тренчовски, кој зборуваше за своите искуства како вработен режисер во повеќе редакции на МРТВ и нагласи дека во недостаток на киното Балкан, кое беше култно место, младите се препуштени на содржините на интернетот и многу малку знаат за светот на филмот. Тој даде ветување дека ќе се потруди да донесе вредни филмови од Кинотеката на Македонија, кои не подлежат на авторски права, за да можат младите луѓе да се запознаат со некои вредни остварувања. Тренчовски потсети дека освен МРТВ , како јавен сервис, останатите комерцијални телевизии не продуцираат едукативна програма, а за некакви филмски остварувања и да не зборуваме.
Гостинот од Скопје, предавач на Универзитетот ЕСРА, рече дека интернетот е полн со клипчиња, нестручно и невкусно сработени, зашто децата и нема кој да ги упати во светот на филмот. Професорите по македонски јазик оние десет часа по Медиумска култура којзнае и дали ги работат, зашто ги чувствуваат како товар во недостаток на стручни познавања и литература од областа на филмот, па предложи во иднина, во средните училишта, да се воведе предмет Филмска уметност, кој ќе го предаваат филмски режисери, а не приучени или тотално незаинтересирани наставници.