петак, 1. јун 2012.

Ние на ЅВОН


 На 29. мај, со дел од учениците, се најдовме во студиото на МРТВ од каде во живо се пренесува емисијата за деца ЅВОН. Повод за нашето гостување, беа нашите активности околу ЕКО-проектот - Здрава храна за детство без мана, кои беа спакувани во клипче, прикачени на YouTube и објавени на блогот Partikopolis. Некој го видел клипчето и не препорачал кај Анета од Ѕвон, сметајќи дека тоа треба да биде видено од поширока публика.  Понудата од наша страна беше веднаш прифатена, а датумот прецизиран.
 Децата пројавија живо интересирање за учество во емисијата и почнаа да се самоорганизираат. Група седмоодделенци од Куклиш одбрале скеч, си ги поделиле улогите и ме викнаа на проба. Моите од осмо во Костурино веќе имаа готова точка и беше доволно да пробаат повремено за да не го заборават текстот. Читањето на пораките од Еко-кодексот (на македонски и англиски) веќе претставуваше интересна, готова точка. Желба за масовно учество преку фолклорна секција имаше и во Куклиш и во Костурино, но Костурани беа во предност... тие го имаа пензионираниот Милков Ристо, костуранец, кој дваесет години поминал во Танец, а веќе една година се обидуваше да издејствува просторија од училиштето и своето искуство да им го пренесе на  младите генерации од селото. Бараше просторија , во која ќе работи со децата. По низа перипетии, успеал да издејствува просторија од Домот во Костурино и пробите започнале.
Обидот за формирање фолклорно друштво во Куклиш се беше изјаловил или одложил за подоцна, па децата бараа начин за себепретставување. Знаеја дека се’ она што визуелно може да се претстави, а ги афирмира децата и нивните вештини и способности, може да се најде пред камерите во студиото. Сликањето на стаклени шишиња со витражни бои, на некој начин беше наша специјалност. Редовно, веќе неколку години, децата од нашето училиште, на продажната добротворна изложба пред Велигден, се претставуваа со свои слики на шишиња. Одлучивме група ученици, цело време, додека трае емисијата, да сликаат на шишиња.

На 29.05. точно во 9.55 бевме пред зградата ма МРТВ. Учениците почнаа да слегуваат од автобусот на ТА Атлантис,( кои ни беа спонзори за патувањето),кога ми заѕвони мобилниот и гласот на Анета ме праша - каде сме? Во холот на МРТВ веќе не презеде организаторот и не’ одведе пред студиото. Времето за подготовки пред почнувањето на емисијата беше кратко...

Кога седнав на столчето, почувствував страшна жед... јазикот ми се исуши. Посакав да побарам вода...но времето иташе. Емисијата секој момент требаше да започне. Во рацете држев три парчиња од мојата книга - Жива душа, две од нив требаше да бидат подарени на двајца гледачи кои ќе се јават за време на емисијата, а третата и’ ја ветив на Анета, уредничката на Ѕвон.

Со нас, во студиото се и Балетско студио од Тетово... Емисијата стартува и се’ оди според одредена минутажа. Водителките иако млади, делуваат искусно. Анета е веќе искусен уредник. Народните носии им стојат прекрасно на девојчињата.


Децата, иако возбудени, одлично го кажуваат текстот... делуваат сигурно. Тоа ми прави да делувам спокојно, зашто сум сигурен дека добро ќе се претстават. Пред почетокот им дадов кратки совети да делуваат тимски... никој освен нив не го знае текстот. Ако некој се збуни или погреши, нека тера понатаму. Ако застане, друг да го потсети, да му шепне или гласно во форма на прашање... битно е да се истера до крај без да сетат другите. Знам дека ако јас им делувам исплашено, мојот страв ќе се префрли и на нив и се’ ќе пропадне.Емисијата тече во најдобар ред... како времето одминува, децата навикнуваат на амбиентот и тремата исчезнува. Мојот дел пред камерите завршува и јас се селам зад камерите, каде е поудобно.


Таму ме пречекуваат колегите Перо, Јагода и Соња.

Последни се играорците. Тие ги прават последните подготовки... расположени се.

 Со нив, за спомен се слика и нивниот кореограф - Ристо Милков.

Со сплетот завршува и емисијата... ни олеснува и нам. Ми приоѓа Анета и ми честита за добрата организација. Ги пофалува  квалитетот на точките, децата, нивната одговорност и доброто однесување пред и зад камерите и следува нова покана за втората половина на септември... децата се пресреќни и горди на себе. Самодовербата кај секого од нас расте.
Ја напуштаме зградата на МРТВ со убави спомени и желби за ново, поквалитетно претставување.