петак, 10. фебруар 2012.

Иднината е во рацете на родителите




Доблестите се вечни, затоа да ги учиме децата на вистинските, на темелните вредности. Светот ќе го спасат единствено луѓето што одат по вистинскиот пат.
Длабоко во себе, сите мечтаеме за подобар свет. Него може да го создаде само подобар поединец, па токму затоа сакаме да објасниме – зашто иднината е во рацете на родителите (и на општеството кое има улога на фамилија).
Познато е дека човекот го одредува наследството, околината во која живее и неговата лична активност. Неспорно е дека околината, во која ртастат децата, во последното десетлетие суштински се промени и почна претерано да го загадува нивниот внатрешен свет:
*со филмови со агресија, со поплава од насилни видеоигри, со насилство во светот околу нас;
* со рушење на старите вредности – чесност и почитување, дадено ветување, работа, одговорност, ред и дисциплина - како услови за хумано и цивилизирано живеење, почитување на потребите на другиот, на вистината и правдата;
*со обезвреднувањето доаѓа до одрекување од најголемиот дар или светост – животот;
* со наметнување на погрешни вредности (потрошувачка зависност, зависност од материјални вредности, соништа за лесна заработка – обложувалници, наградни игри, светот на шоу бизнисот...), со понижување на самиот себе со зависности од пушење, алкохол и дрога.
Но, не е се’ изгубено и црно. Семејството, како основна клетка на општеството, сите негативни влијанија, може да ги претвори во позитивни, пред се’ со љубов, блискост и доверба, бидејќи родителот најмногу од се’ му посакува добро на своето дете, (дури и ако тоа не знае да го покаже), а темелите изградени во семејството, многу ретко би можеле да ги загрозат било какви други влијанија. Како резултат на позитивни желби и намери, се создава подобар свет. Затоа, да се обидеме да ги изделиме главните улоги на семејството, упатувајќи на вистинските можности и начини за остварување на подобар и поздрав свет, во кој ќе доминира дух на телесна, душевна, социјална и економска благосостојба, но без болести.
Создавање систем од вредности
Моралноста, со сите хумани вредности кои ги подразбира, се усвојува најпрво пред се’ во семејството, а сите други воспитни влијанија во текот на растењето, се само надградба. Чесното живеење поникнува во семејството, исклучиво низ учење преку примери, за вредностите на заедничкиот живот.
Од родителите се усвојува односот кон вистината, чесноста, работата и одговорноста, доследноста и упорноста. Во семејството се учи да се сака човекот, да се почитува личноста на другиот со потребите и желбите, правата и обврските, емпатијата и  толеранцијата. И најмалите деца разликуваат добро од зло, а низ разговори за и од  животните ситуации, детето учи – што е и зошто е правилно, дека има право и да погреши, дека има право на чувства, дека треба да ги изразува чувствата... се учи несоодветното однесување да го замени со соодветно и прифатливо. Лесно ќе го сфатат и тоа дека со своето однесување ги задоволуваме потребите, а и тоа дека со разговор секогаш може да се пронајде  добро решение за секој проблем.
Детето прифаќа дека добрите намери ќе имаат и добри последици, дури и кога така не изгледа. Се  учи на прифаќање дека секој момент е драгоцен, а посебно е важно да се негува ставот за благодарност за се’ што е и што имаме. Секогаш имаме онолку, колку што навистина ни е потребно, а љубовта кон другите треба практично да се покажува на различни начини. Можеме да поделиме убав збор, време, добри дела, (помош) па и предмети и пари, ако имаме среќа да ги имаме повеќе отколку што навистина ни се потребни и да ги делиме со послабите и понемоќните од нас, а тоа ќе предизвика чувство на корисност.
Во системот на вредности посебно место има истакнувањето на вредноста и величината на животот и грижата за здравјето на телото (исхраната, доволното спиење,  движењето и занимавањето со спорт), бидејќи единствено здравјето е услов за благосостојба, среќа и хармонија, тоа е најголемото богатство. Без здравјето, се’ станува неважно... безвредно. Учејќи преку примери, децата го прифаќаат одговорното однесување кон сопственото и туѓото здравје. Треба да ја истакнуваме и потребата од усовршување на духот и учењето – стекнувајќи знаења, вештини и способности во најширока смисла.
Многу важно е преку личен пример да се поттикнува детската креативност, откривањето и истражувањето, читањето и занимавањето со културни активности, негувајќи го ставот дека колку повеќе знаеме, толку сме побогати, дека знаењето е вистинското богатство и услов за благосостојба и личен напредок, како и за напредокот на заедницата како целина.
За похумано живеење потребни се поттикнување и почитување на слободата и одговорноста, индивидуалноста, (имањето став да се биде свој), потенцијалната совршеност и неповторливост на секое живо суштество, но и прифаќање на разликите, со поттик за ширење на видиците, отвореноста и одбегнување на секаков конфликт, ограниченост или затвореност. Децата многу лесно сфаќаат дека секој има право на свој поглед на светот, на навики и интереси и дека придобивка на цивилизираноста е да му  се допушти секому слобода, додека таа не почне лично да го загрозува, а тоа лесно се илустрира со заклучокот дека светот е побогат воколку има повеќе различности.
Не смееме да го заборавиме и примерот за јакнење на еколошката свест, за чувањето на околината и на секое живо суштество и на нашата планетата.
Фундаментална доверба
Чувството на сигурност во животот, чувството дека вселената се развива како што треба, дека животот е радост, уживање, откривање,  давање, величествен и вечен, дека секогаш има смисла, дека животните проблеми се столбови на кои се темели напредокот и дека секогаш имаат решение – секогаш потврдува семејството.
Семејството е љубов, сигурност, блискост, прифаќање и кога не сме совршени. Само така се учи да  прифаќа, да се сака  самиот себе и другите, а оној кому му е укажана доверба, ретко ќе го изневерат. Во овие немирни времиња, дури и кога ни е тешко, да пронајдеме оптимизам и да ги поткрепиме надежите на младите за некоја убава иднина, со уверување дека  секој е ковач на сопствената среќа и единственото делче од вселената кое можеме да го промениме и дека самите  ја создаваме сопствената реалност. Да ги  потикнеме децата да имаат соништа и цели кон кои треба да се стремат да ги остварат. Да ја истакнуваме важноста на животната радост и среќата како цел во животот.




Се заборава дека среќата е духовна категорија, дека ја нема надвор од нас и дека не може  да се купи и да се постигне со материјалното и дека потполна среќа носи само она што е заслужено, со труд стекнато (се’ што е вредно не е лесно) и кога моето добро придонесува за повисок степен на доброто. Да ја негуваме довербата во луѓето, да ги учиме да помагаат и да посакуваат подобро  за секој, бидејќи така општото добро расте (она на што посветуваме време и енергија, расте). Така сите стануваме позадоволни, постабилни, посмирени. Кон тоа секако придонесува истакнувањето на важноста од сопствениот мир (мирот започнува со мене), па да ги навикнуваме на вежбање на опуштање, што е алатка и услов за постигнување на мирот.


Развој на самодовербата
Клучот за успех во животот е сознанието,т.е. чувството на самоувереност дека сме вредни за сакање и дека сме способни. Најмалку се разликуваме по можностите и способностите, суштината е во самодовербата, а семејтвото е нејзин темел.
Децата, кај кои во системот на вредности учењето зазема високо место (како љубов спрема учењето и навика и потреба од постојано усовршување), секогаш ќе имаат подобри искуства во секоја новонастаната ситуација и повеќе самодоверба.
Во сето тоа  најважно е како појдовна точка да се прифати сознанието за единственоста на детето и неговата неповторливост: токму такви какви што сме, битни сме во вселената, бидејќи без нас таа не би била иста. Детето има право на свој пат и на свои амбиции. Најважно е да се откриваат силните страни и дарбите на детето и во тоа да се поттикнува, создавајќи му можности за бавење со најразлични активности и работи, без да му ги наметнуваме од нас посакуваните резултати. Детето треба да испроба најразновидни хобија и воншколски активности, оние вистинските ќе опстанат. Досадата е опасна. Иако на децата им се потребни акции и предизвици, бидејќи активностите предизвикуваат исполнетост, со активностите не треба да се претерува.
Секогаш треба да имаме на ум дека успехот е најголем мотив. За стекнување самодоверба многу помагаат топлото однесување,  поголемата срдечност,афирмативното и оптимизмот. Соперништвото, конкуренцијата и споредувањето секогаш се штетни. Иако своите можности и возрасните и децата можаат да ги развиваат само ако имаат чувство на посветена доверба, факт е дека 90% од наставниците, родителите и претпоставените имаат авторитативен стил на воспитување и однесување. Довербата најдобро се постигнува со одобрување  и пофалби (денес на една пофалба доаѓаат 10 прекори или казни!). Успешните деца во сите активности добиваат повеќе пофалби и охрабрувања, а помалку казни.
Стравот е најголем непријател на учењето и на развојот на самодовербата. Мозокот не функционира во страв, туку е блокиран за било какви активности. Ако чувствуваат помалку страв, ќе бидат повредни; колку  помалку крути правила, толку поголема флексибилност. Детето треба да ги знае границите,(настојувам бидејќи те почитувам; кој бара упорно – потребно му е), но и тоа има право на контрола на ситуацијата. Важно е родителите да ги изразат своите очекувања и да му допуштат на детето да ги изрази своите чувства.
Затоа, што почесто треба да се прашува детето – дали е задоволно со успехот, активно да се слуша, да се соживее со ситуацијата на детето, почитувајќи го неговиот напор и секогаш да му се допушти да каже дали мисли дека може и подобро и дали сака да се обиде, а грешките да ги прифаќа како дел од учењето.Неодобрувањето треба одлучно да се изрази, но не да се осудува и прекорува. Истовремено, важно е детето да знае дека е безусловно сакано, а тоа треба често да му се покажува. Ако детето и по втор пат прави нешто неуспешно, родителот ќе му помогне да го менува однесувањето покажувајќи му како да се поправи, нудејќи му можности за избор со предлози на детето,(што повеќе можности – причини за  и против, предвидувања на последиците: што би можело да се случи ако...). Нека ги испроба последиците на сопственото однесување, а лошото  да се обиде да го надополни со позитивно.
Да запомниме, хуморот е зачинот на животот, овозможува слободен простор што ги олеснува и најтешките ситуации.
За создавање чувство на самодоверба, важни  се и вештините што не се учат во училиштето, (спремањето на собата, грижата за автомобилот, за домашното милениче, готвење и миење садови), а извршувањето на задачите создава чувство на гордост. Да не заборавиме ни тоа, дека децата имаат право на одмор, забава, дружење со врсниците, на пријателства и тајни.
Патот до целта е повреден и од самата цел
Се’ е битно и сите сме важни, бидејќи децата се огледуваат на нас, а бидејќи единствено примерот воспитува (нема ништо пострашно  од мудри зборови проследени од лош пример), да им бидеме пример.
Ако не ги поттикнуваме, можеби нема да бараат повеќе во животот. Секогаш треба да го признаваме трудот, волјата, обидот, па и најмалата позитивна промена, бидејќи патот до целта е повреден и од самата цел.
Важно е децата да знаат дека сме им поддршка, дека сме им благодарни за учењето, искуството и љубовта што ни ја донеле во животот и дека ни е најважно да бидат среќни и задоволни луѓе. Секој момент да им биде исполнет. Да ги поттикнуваме да мечтаат, да ги поместуваат границите, да си поставуваат цели и да летаат по своите соништа, настојувајќи да ги остварат. Така ќе стануваат подобри луѓе, бидејќи само среќните луѓе се добри, а добрината како врвна доблест е она што му недотига на современиот свет. А недостига и мир, чесност и благодарност.
Доблестите се вечни, да ги учиме за вистинските вредности, да ги учиме за она што е важно. Светот ќе го спасат единствено луѓето што одат по вистинскиот пат. Изборот е наш, сите сме одговорни. Затоа, иднината буквално е во рацете на родителите. Понов, похуман и за човекот подостоинствен свет, во кој секој ќе има право на среќа, здравје и благосостојба, ќе создадат единствено децата што ќе ги одгледуваме во тој дух. Но , ако ни се причини дека младите се во нешто негативни, „полоши од нас“, да се сетиме...
...Живееме во декадентно време. Младите веќе не ги почитуваат родителите. Дрски се,нестрпливи, посетуваат таверни и немаат никаква самоконтрола.“ (натпис од египетска гробница, 3000 год. пред Исус)

Автор на текстот е Катица Молнар , педагог.


Нема коментара:

Постави коментар