петак, 23. новембар 2012.

СЕМИНАР ЗА МУЛТИЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА

На 12. и 13. ноември, во хотелот Порта во Скопје, со дел од моите колеги и еден претставник на родителите,( инаку претседател на УО) на ООУ „Даме Груев“- Куклиш, учествував на семинарот за Мултиетничка толеранција, во организација на USAID.

На семинарот, покрај нашето училиште, учествуваа и претставници на училиштата во Кукуречани, Шипковица, Бутел и едно училиште во Тетово. Со нас беа и претставници на Општина Струмица кои го следеа и учествуваа во работата на семинарот.

Откако секој од учесниците на семинарот се претстави, што во некоја рака беше меѓусебно запознавање, се премина на првата точка од работата - Какво мултикултурно/мултиетничко општество сакаме. Денес, тешко да се најде држава во светот, во која живеат претставници само на еден народ или само на една култура. Македонија, поради својата местоположба на Балканскиот Полуостров, а со оглед и на историското минато, во некоја рака е мост меѓу истокот и западот. Секоја од културите оставила свои белези, а луѓето научиле да живеат едни покрај други... секој негувајќи го своето, но и почитувајќи го „туѓото“, она различното.


Се правеа споредби со состојките за салата (домати, пиперки и кромид), кои измешани заедно даваат нов квалитет - шопска салата, а притоа секоја од состојките го задржува својот изглед, форма, боја, вкус... но е дел од нешто ново. Притоа, се заборави или намерно се изостави зејтинот, кој треба да биде сврзувачко ткиво, за салатата да биде комплетна. И во едно такво мултикултурно/мултиетничко општество, кон кое тежнееме и кое беше целта на семинарот, за да луѓето меѓусебно се почитуваат и комуницираат, потребно е зејтин - јазик на кој претставниците на етничките заедници меѓусебно ќе комуницираат. Се спомна дека наша заедничка цел е нашите деца во иднина да одат во исти училишта, во исти а не во различни смени. Таму заедно да учат, да се почитуваат а надвор од училиштето да се дружат и меѓусебно да се помагаат.

Само општество, во кое поединците од различни конфесии, култури и етноси, меѓусебно се познаваат, се почитуваат, едни на други се потираат и живеат едни со други, а не едни покрај други, е среќно општество и има иднина.


Нема коментара:

Постави коментар