петак, 20. април 2018.

Легенди и преданија од нашите краишта


Гробот на убавата Струма, која според легендата го предала татка си, се наоѓа во селото Баница, западно од Струмица, е запуштен и сведочи за нашата негрижа за културното наследство...или можеби и тоа е дел од клетвата на нејзиниот татко.
Гробот е отворен 1983, а веројатно на него е интервенирано и подоцна, зашто при една посета на гробот (во деведесетите) кога веќе беше отворен, видов мермерен саркофаг во неговата внатрешност, кој го немаше веќе при следната посета по само неколку години, а од гробот ѕиркаа црница и капина, кои и денес ја „украсуваат“ неговата внатрешност. Гробот на Струма се наоѓа во нива, во приватен посед и до него, зависно од временските услови, тешко се доаѓа. Не е ограден и до него нема патека, па морате да газите по нивата на сопственикот. По патот нема да сретнете ниту еден патоказ или табла, која ќе ве упати кон гробот на девојката , според чие име градот под Царевите Кули го добил денешното име.
Според историските записи, најстарото име на градот е Астраион или Ѕвезден Град, а подоцна,  во Римскиот пероиод, го добил името Тивериополис, во чест на римскиот император Тивериј. За денешното име на градот Струмица постои старо предание, кое и ден денес се раскажува меѓу струмичани, а за автентичноста на преданието сведочи и самиот Струмин гроб.


Струма бил ќерка на некој локален средновековен владетел, кој живеел во тврдината Цареви Кули, која и ден денес се наоѓа на врвот од ридот, што се наоѓа на јужната страна од плодната Струмичка Котлина. Градот и локалното население подолго време биле под опсада на туѓинска војска, најверојатно византиска, но никако не можеле да ја освојат поради непристапниот терен. Тврдината Цареви Кули се наоѓа на врвот на ридот, чии страни стрмно се спуштаат, а до неа има само еден пристап од јужната страна, откај згаснатата населба Чам Чифлик.  Убавата Струма се вљубила во еден војсководец, кој командувал со војската што го опседнала градот. Во својот љубовен занос и од наивност, таа му ја открила тајната за неосвоивоста на тврдината и за ковењето на коњите...Имено, војската на нејзиниот татко, коњите ги потковувала наопаку, со што трагата им се заметнувала, па оние што тргнале по нив, ги барале во спротивна, погрешна насока. Набргу, откако тајната била откриена, градот паднал, а војската на нејзиниот татко поразена. Кога татко и дознал за предавството, кога дознал дека токму ќерка му е предавникот, ја проколнал - земјата да не ја прима. Набргу клетвата се остварила... по нејзината смрт, откако ја погребале, следниот ден ја нашле надвор од гробот. Ја погребале повторно, но земјата девет пати ја исфрлала, па морале да ја погребат надземно, за што сведочи и денешниот Струмин Гроб, кој е изграден од девет реда делкан камен бигор. Денешниот гроб на Струма е нем сведок дека татковата клетва е тешка и се остварува и служи како предупредување за идните генерации - како завршуваат предавниците на својот народ.


При денешната посета на селото Баница, само им ја покажавме малата бања на учениците, но не отидовме до неа и не ја фотографиравме, а таа е доказ за потеклото на името на селото Баница, кое локалното население го изговара Бајнца (од бајна или бања во деминутивна форма).


Во непосредна близина на селото Баница е селото Водоча, каде се наоѓа и комплексот водочки цркви посветен на Свети Леонтиј, за чиј историјат не раскажуваше љубезната домаќинка на манастирот, калуѓерката чие име го заборавив. Во дворот на манастирскиот комплекс се пронајдени и две бањи од различен период кои покрај бањата во Баница сведочат дека овде отсекогаш имало термални извори, но поради тектонски пореметувања, топлата вода се изгубила, а останала само онаа  во Банско, каде е пронајдена голема бања од римскиот период. Струмица, со својата околина и благопријатната клима отсекогаш била значаен културен и духовен центар и седиште на епархија, каде се негувала преведувачката и препишувачката традиција на стари ракописи, но и создавањето на оригинални дела, како и традицијата да се сликаат икони, што и во денешно време се негува.
Локалното население, името на селото Водоча го изговара Вадоча, а се поврзува со вадењето на очите на поразените Самуилови војници. Се верува дека во непосредна околина на манастирот 1014 година, по страшната битка кај Беласица, се извршело ослепувањето на Самуиловата војска. Постои и друго толкување за името на селото, кое се поврзува со обилната вода која течела низ коритото на Бела Река или Водочка Река, чии води се заробени зад насипот, со изградбата на акумулационото езеро Водоча.


Не пропуштивме да ја посетиме и Вељуса, чие име се поврзува со името на манастирот посветен на мајката божја Св. Богородица Елеуса (милостива) , а кој го подигнал епископот Мануел во 1078 година, кога Македонија веќе била под власта на Византија.


 Легендите продолжуваат да се раскажуваат и на тој начин живеат, а народот и понатаму се обидува да го протолкува името на некој град или населено место, ги менува, нешто одзема или додава, зашто процесот на пресоздавање никогаш не е завршен...


1 коментар:

  1. Я Артур Борис, жыхар / грамадзянін Рэспублікі Расія. Мне 52 гады, прадпрымальнік / бізнесмен. У мяне калісьці былі складанасці з фінансаваннем майго праекта / бізнесу, калі не мой добры сябар, які пазнаёміў мяне са спадаром Бенджамінам Лі, каб атрымаць крэдыт у яго кампаніі на суму 250 000 долараў ЗША. Калі я звязаўся з імі, спатрэбілася ўсяго пяць рабочых дзён, каб зрабіць мой крэдытны працэс і перавесці на мой рахунак. Нават пры дрэннай крэдытнай гісторыі яны ўсё яшчэ прапануюць вам паслугу. Яны таксама прапануюць усе віды крэдытаў, такія як бізнес-крэдыты, крэдыты на жыллё, асабістыя крэдыты, крэдыты на аўтамабіль. Я не ведаю, як падзякаваць ім за тое, што яны зрабілі для мяне, але Бог узнагародзіць іх у залежнасці ад свайго багацця ў славе. Калі вам патрэбна тэрміновая матэрыяльная дапамога, звяжыцеся з імі сёння па электроннай пошце Lfdsloans@outlook.com WhatsApp інфармацыя ... + 1-989-394-3740

    ОдговориИзбриши