субота, 11. фебруар 2012.

Личноста на ученикот




Помина времето на строгите, авторитетни наставници, кои без влакна на јазикот ги навредуваа своите ученици, не водејќи сметка за нивните чувства, немајќи ни трунка почит за нивната личност. Сите ние, денешни наставници од средната и постарата генерација, поминавме низ ист или сличен систем, во кој физичките казни беа секојдневие, а споредувањето со животни од типот – мајмун, говедо, стока, овца, пујка, кокошка, квачка -  беа поблага варијанта и звучеа забавно, за разлика од епитетите – идиот, кретен, дебил … или такви кои произлегуваа од физичкиот изглед на ученикот.
И замислете – како се чувствува едно дете, во период на ран пубертет, кое своите големи уши ги доживува како најтежок комплекс, кој се обидува да го прикрие, кога пред очите и ушите на неговите другарчиња, од наставникот ќе биде наречен – Ушле! Како се чувствува дете, чие достоинство е повредено со шамар од повозрасен и претпоставен наставник, кому не само што не може да му се спротивстави, туку се плаши и дома да каже, за да не биде казнето и од сопствениот родител. Како се чувствува ученик, чиј ликовен труд е вреднуван послабо, само затоа што оценките по другите предмети му се просечни. Како се чувствува ученик, кој за ист одговор добива пониска оценка од својот другар, поради немање општи критериуми. Како се чувствува дете, на кое наставникот секој час му вели:
„Ништо нема да биде од тебе!“
Огромна е одговорноста на наставникот, зашто не знае кој е идниот Ајнштајн, Толстој или Тесла, што седи во клупите пред него. Погрешниот пристап на наставникот, место мотивирачки, може да делува демотивирачки, место љубов кон предметот – одбојност и аверзија, место прогрес, кај ученикот да предизвика  пасивност и регрес, место здрави и самоуверени личности, кои ќе бидат способни да се справат со предизвиците, да произведе слаби и несигурни личности кои се плашат да се соочат со проблемите.
Ако некогаш ученикот беше пасивен примач на информации, кој треба внимателно да слуша и да меморира податоци, денес тој е активен чинител во процесот на наставата. Односот меѓу наставникот и ученикот се потпира на взаемно почитување и на рамноправни основи, при што  моќта на авторитетот на наставникот станува незабележлива и неважна. Тие се поставени во хоризонтална положба, а комуникацијата се одвива во двете насоки. Предуслов за таквиот тип односи е познавањето и почитувањето на личноста на ученикот.
Клучниот проблем на современото воспитување е недоволното познавање на личноста на ученикот. Современата психологија од наставникот бара да ги познава типовите на личност, мотивацијата, стиловите на учење, комуникација и создавање емотивна клима во училницата.
Периодот на адолесценција е најбурниот период од човековиот живот и се одликува со бурен физички развој, брз интелектуален развој, потреба од статус на возрасен, признание од врсниците, стекнување и проценка на новите вредности.
Проблемот на авторитетот е еден од основните проблеми со кои се соочува адолесцентот во текот на своето созревање. Конфликтите со возрасните и „одмерувањето на силите“ го доведува до созревање. Постојат илјадници пораки на неприфаќање, кои  наставниците несвесно им ги испраќаат на своите ученици. Тие пораки ја оневозможуваат комуникацијата, ја успоруваат, ја инхибираат или потполно го запираат двонасочниот процес на комуникација, што е неопходен предуслов за да им се помогне на учениците да ги надминат проблемите, што го попречуваат нивното учење. Во периодот на адолесценција се случуваат големи промени.
Кога нешто ќе постигне, кај ученикот се зголемува самодовербата, но ја губи кога ќе му се каже дека постигнатото не е доволно. Една од основните задачи на наставникот би требало да биде негување на самоуверени, толерантни и самостојни млади луѓе. Најзначаен фактор за поттикнувањето на учениците е познавањето и негувањето на неговите способности.
Современиот наставник, мора да има на ум дека секое дете е посебна личност, па според тоа и неговиот однос не може да биде ист кон сите, туку прилагоден кон личноста на ученикот како единка. Според Карл Јунг, постојат осум основни типови личности , направени според четири димензии на типот: екстравертен- интровертетен, сензитивен – интуитивен, мисловен – чувствителен, расудувач – перцепирач.
Во зависност од тоа од каде ја црпат и каде ја фокусираат својата енергија или внимание, Јунг разликуваекстровертен и интровертен тип.
Екстровертниот тип, лесно ќе го препознаете, зашто сака да е во центарот на вниманието, секогаш опкружен од другите. Зборува повеќе, побрзо и погласно од другите. Крева рака и кога не знае, јазикот и реакцијата му се побрзи од мислата. Големи ентузијасти се и полни со енергија, а своите размислувања гласно ги кажуваат и често им упаѓаат во збор на другите. Ним треба да им се дозволи да зборуваат и гласно да размислуваат и не треба да се прекинуваат, напротив – треба да им се овозможи да зборуваат и размислуваат на различни теми, зашто тие ја преферираат вербалната кмуникација.
Ако ученикот е поповлечен, зборува полека и потивко, не значи дека е несигурен и не знае, туку се работи за интровертен тип, кон кого треба наставникот да има посебен пристап. Интровертниот тип обично делува осамено, му се допаѓа да е во сенка… обично е претпазлив и сомничав, не се залетува и никогаш прв не крева рака. Обично одговара кога ќе биде прашан, а зборува полека и тивко и секогаш е воздржан и смирен, а неговите ставови се секогаш одмерени. Пред да каже било што, размислува. Додека одговара, прави паузи, а употребува кратки реченици. Наставникот не треба да го побрзува или да му упаѓа во зборот, ниту да му ги довршува речениците. Треба внимателно да го слуша и да се сосредоточи на една тема. Откако наставникот ќе го постави прашањето, треба да биде стрплив и да го почека да размисли. Интровертниот тип преферира писмена комуникација.

Типови на личности според способноста за примање на информации:
  1. 1. визуелните ученици преферираат да ја видат информацијата,
  2. 2. аудитивните ученици преферираат да ја слушнат информацијата,
  3. 3. кинетичките ученици учат најдобро кога нешто работат или нешто прават
Поради непознавање на личноста на ученикот, доаѓа до конфликти меѓу наставникот и ученикот. Конфликтните ситуации треба да се разгледуваат како здрави, недеструктивни и природни случувања во животот меѓу наставникот и ученикот.
Токму на таков начин, преку познавање на личноста на ученикот,  со воспоставување  комуникација која се потпира на взаемно почитување, може да се воспостави комуникација и наставен процес, во кој моќта станува неважна и незабележлива. Наставникот одбегнува да ја користи моќта, ученикот е свесен за тоа, па затоа не му е потребна моќ што би ја користел за контранапад.
Наставникот што добро ќе ги воочи различните типови на личности во одделението, (сам или во соработка со училишниот психолог) и кон нив ќе постапува соодветно, од своите ученици ќе го извлече максимумот, ќе знае како да ги мотивира и од нив да направи здрави индивидуи, полни со самодоверба и готвност да се носат со предизвиците што ги очекуваат во иднина.

Нема коментара:

Постави коментар