субота, 11. фебруар 2012.

Мотивација на личноста


1. Поим за мотивација
Зборот – мотив, води потекло од латинскиот збор – motivum, италијанскиот – motivo, а значи – потстрек, побуда, повод, поттик, причина; или во уметноста – основна мисла што го натерала уметникот да ја создаде творбата. Зборот мотивација е изведен од зборот мотив, а води потекло од латинскиот зборmotivatio, кој значи – образложување , наведување побуди или причини за нешто.
Често пати можеме од некого да слушнеме – Не сум мотивиран за работа… или – Победија, зашто имаа добар мотив. До целта полесно се стигнува кога личноста е добро мотивирана. Мотивот кај различни типови личности не може да биде ист.
Мотивирањето е сложен процес, од кој зависи успехот на секој поединец, група, тим, проект, програма, па и успехот на целата институција. Разликите меѓу поедини личности, како и карактеристичните модели на секоја личност, произлегуваат од сличностите и разликите во мотивацијата, односно од целите кон кои секој поединец се стреми.


Мотивацијата на поединецот претставува динамичен аспект на личноста. Таа е енергетска и движечка сила на поединецот, ги насочува активностите и управува со однесувањето, па претставува основа на личноста на секој човек.
Обично се мисли дека основен мотив за вработените се парите, т.е. платата што како награда за вложениот труд ја добиваат, а за учениците – оценките. Логично би било оние работници што се подобро платени, или работат во фирми во кои што платите се повисоки, да вложуваат повеќе напори, да работат со поголем мотив. Но, во праксата не е така… Мотивацијата е индивидуален чин и зависи од многу фактори, а факторот наградување или вреднување на резултатите е само еден од факторите, што влијаат на мотивацијата. Инаку, како би се објаснила победата на просечна екипа над фаворизираната или жарот, со кој некој работник „согорува“ во фирма за мизерна плата? Најголемиот мотив секогаш доаѓа однатре, а секоја индивидуа различно се мотивира.
Мотивацијата за учење е состојба кога личноста има мотив нешто да учи или научи. За да можат учениците да постигнуваат успех во учењето, многу важно е да се заинтересирани и мотивирани. Кај мотивираниот ученик, поголеми се и мисловниот напор и степенот на мисловните активности, подобри се концентацијата и вниманието, што доведува до поголеми резултати во учењето.
Кога е во прашање мотивацијата во остварувањето цели и задачи во воспитно – образовниот процес, мотивите се делат на надворешни и внатрешни мотиви.
2.     Елементи кои директно влијаат на мотивацијата

Мотиватори се фактори кои ја поттикнуваат личноста на дејствување и влијаат на однесувањето на поединецот. Тоа  се награди или пак пофални зборови, кои ја зглоемуваат желбата за задоволување на одредена потреба.Покрај внатрешните „движечки сили“, многу  важна е околината и ситуацијата во која личноста се наоѓа.
Елементи кои директно влијаат на мотивацијата се:
Ø     потреби – предизвикани внатре кај поединецот, што го тераат нешто да бара или одбегнува;
Ø     притисоци – кои се предизвикани од интеракција со околината;
Ø     теми – предизвикуваат однесување/ реакција на одредени сегашни настани;
Интеракцијата на овие три елементи ја чини мотивацијата и ја тера личноста на активност.Во процесот на образование се поставуваат основните прашања врзани за мотивацијата, а тоа се:
Ø              Дали е работа на наставникот да ја формира мотивацијата кај ученикот?
Ø              Дали е работа на наставникот да ја пронајде мотивацијата кај ученикот?
За да одговориме на ова прашање, треба да тргнеме од следните факти:
Ø     образованието е процес на социјализација,
Ø     учењето треба да биде низ искуство, со активно учество,
Ø     постоење на основен интерес за она што се учи,
Ø     постоење на лични мотиви,
Ø     треба да постои „импулс“ во процесот, кој ќе може да го „запали фитилот“.
За мотивацијата, т.е. за „палењето на фитилот“, важни се:
Ø     Самодоверба при индивидуалната и групната работа;
Ø     Влијание на средината, (семејството, воннаставни активности, спорт, претходни искуства…
Ø     Психомоторни активности, (водење забелешки, активно слушање, поставување и  остварување цели и функционирање во група)
3. Што влијае на јакнењето на мотивацијата кај ученикот?

Врз јакнењето на мотивацијата кај ученикот влијаат надворешни и внатрешни фактори:

А. Надворешни мотиватори

1. оценување/ резултати
2. односи со другите
3. родители
4. средина
5. училиште
6. награди/ казни
7. воннаставни активности
8. организациски структури
9. цели што се остварливи
10. осмислен процес на подучување
11. работа во групи
12. наставниковата перцепција

Б. Внатрешни мотиватори:

1. способност за решавање на проблеми
2. работни навики
3. амбиција, поставување и постигнување на цели
4. самодоверба
5. темперамент
6. систем на вредности
7. интереси
8. афирмација
9. одговорност
10. чувство за притисок од групата
11. лично доживување на наставниковата перцепција
12. стилови на учење
13. свест за постигнатото / напредокот
Редоследот на внатрешните мотиватори не е според степенот на важноста, а тие кај различни индивидуи би биле различно подредени. Свеста  за постигнатото е најдобриот мотив, кој би требало да ја мотивира секоја личност, а постигнатиот успех ја јакне самодовербата,  му носи признание од околината, што поеинецот го доживува како лична афирмација, а тоа доведува до пораст на амбициите и стремеж кон повисоки дострели. На тој начин ќе се зголемат неговите интереси, а со самото сознание дека до успехот се доаѓа со многу труд, ќе се  зголеми чувството на одговорност, што ќе го натера да ги негува работните навики и да бара нови стилови на учење, а тоа ќе ја зголеми неговата способност за решавање на посложени проблеми.

2 коментара:

  1. Убаво напишано, со простор и да се допише.
    Имав чувство дека прашањата:
    „Дали е работа на наставникот да ја формира мотивацијата кај ученикот?
    Дали е работа на наставникот да ја пронајде мотивацијата кај ученикот?“
    не само што се одговорени,туку и од читателите бараат самодообјаснување.
    Еден од надворешените, а и внатрешните мотиватори, секако е наставникот, кој исто така се мотивира од своитее ученици. Мотивацијата се формира самостојно и обострано. Таа е продукт од животното учење, учење на едни од други и едни со други.

    ОдговориИзбриши
  2. Аида, благодарм за коментарот...сосема си во право! Со секоја буква се согласувам. Во моментот кога го пишував постот, планирав серија написи кои ќе дообјаснат некои само начнати прашања. Но, веројатно во прашање беше мрзата,а и обврските...

    ОдговориИзбриши