петак, 26. фебруар 2016.

РАЗБИВАЊЕ НА ПРЕДРАСУДИТЕ И СТЕРЕОТИПИТЕ

На 23. февруари, со моите ученици од осмо 1 во ООУ„Даме Груев“ - Куклиш, одржав нагледен час,самостоен проект за сертификација, кој беше набљудуван од членовите на тимот за Меѓуетничка интеграција во образованието, на тема - Мултикултурализам, наставна единица - Намалување на предрасудите, стереотипите и дискриминацијата, а во форма на говорна вежба.
За таа цел напишав три сценарија, во дијалошка форма, им ги прикачив во заедничката група на Фејзбук на учениците, која ни служи за меѓусебно информирање и соработка, им дадов напатствија со поделба на улогите. Учениците требаше за време на викендот да го совладаат текстот, а во понеделникот, за време на одделенскиот час да направиме проба.
Во понеделникот, учениците пријатно ме изненадија, но се соочив и со првите непланирани проблеми - неколку ученици се пожалија на стомачни болки. Веднаш најдовме замени, а еден ученик и покрај болките, одлучил да си ја „одигра улогата“, сакајќи и тој да биде дел проектот.
Во воведниот дел од часот кажав неколку анегдоти, што не ми беше планирано, а кои требаше да ги опуштат и учениците и членовите од тимот, а беа во функција на проектот, зашто отсликуваа предрасуди за полицајците, босанците, русокосите... Откако дадов објаснување - што се предрасуди и стереотипи, започнавме со презентацијата на првата група.
Првата група имаше за задача да го презентира текстот со наслов „Циганите крадат“ и тоа успешно го направи.


Сценарио 1: „Циганите крадат“
Учителката: ( влегува на час и почнува да буричка  во ташната, која за време на одморот и била на катедрата, барајќи пенкало, вади од ташната повеќе предмети, меѓу кои и паричникот. Ги пребројува парите и констатира дека и недостасуваат пари.  За момент се замислува и зачудено погледнува кон децата):
„Ученици, кој остана во училницата за време на големиот одмор?“
Весна: „Јас учителке.“
Учителката: „Да не виде кој ми буричкал во ташната?“
Весна: „Не учителке...“
Учителката: „Некој од вас краде! Јас имав доверба во вас, но очигледно во иднина ќе треба да внимавам. Некој ми ги украл парите!
Ѓорги: „ Па се знае кој краде.“ (Во тој момент сите погледнуваат кон Бахар, која седи на првата клупа, веднаш пред катедрата. )
Учителката: „ Бахар, ти ли беше?“
Бахар: „ Не учителке...не бев јас.
Учителката: „Како не си ти?! Ти си најблиску . Доволно е да ја испружиш раката и ќе ја дафатиш ташната. Како не ти е срам да крадеш?!“
Бахар: „Ама не сум јас учителке. Јас излегов на одмор... не бев тука.“
Учителката: „Ако не си ти, тогаш кој е?!“
Бахар: „ Не знам... не видов. Си ги ставив книгите во ташната и излегов. Ама не сум јас...“
Марија: „Учителке, Бахар на одморот си купи сендвич, а никогаш на одморот не јаде.“
Ѓорги: „ И јас ја видов учителке... јадеше Хамбургер, а потоа си купи и сок.“
Бахар: „Си купив од парите што ми ги даде татко ми, добил на спортска и денес ми даде пари.“
Учителката: „Е како тоа - татко ти добил на спортска баш кога мене ми ги снема парите? А да не ти се падна тебе лотарија од мојата ташна?!“
Бахар: „Ама не сум јас учителке.“
Учителката: „Е како не си?! Кај крадеш па и лажеш! Врати ми ги другите пари, а овие нека ти се... сеедно како да сум те почестила.“
Бахар: „Не сум јас... не знам како да ви докажам.“
Ѓорги: „ Крадачко! Како не ти е срам да крадеш од учителката?!“
Учителката (буричка во ташната и вади белешка за платена сметка за струја. Се загледува во неа и вели):
„ Ученици, се извинувам... не се сетив дека денес ги плаќав сметките за струја и за вода. Се извинувам Бахар...“
 Следеше краток разговор со членовите од групата - Како се чувствуваш во „кожата “ на Бахар? Како се чувствуваат членовите на групата? Од што произлегува нивната комотност? Што мислите за учителката? Кои грешки ги направила таа? Дали би сакала да бидеш учителка како оваа што ја толкуваше? Кој друг стереотип го срушивме преку вашата драматизација, покрај насловниот?
Втората група имаше за задача да го „одглуми“ текстот - Циганите смрдат.




Наставникот: ( Влегува во училницата, а со себе води детенце. Застанува на средина од училницата и вели):
„Семејството на Ерол се пресели во нашето село. Од денес тој ќе ви биде ново другарче. Јас знам дека вие добро ќе го прифатите и ќе му помагате полесно да се вклопи во новата средина. За почеток нека седи со Ристе, а потоа, кога подобро ќе ве запознае, тој самиот ќе си одбере другарче.
Ристе: Наставнику, јас не сакам да седам со него.
Наставникот: Зошто?
Ристе: Тој е Циган, а Циганите смрдат.
Наставникот: Добро... Ајде Ристе оди до канцеларија и донеси креда. (Ристе излегува)
Наставникот: (кон учениците тивко) Сега, кога ќе влезе Ристе, сите држете се за носот.
Ристе влегува, сите се фаќаат за носот , небаре им смрди, а тој е изненаден од нивната реакција. Посакува да седне до некое другарче, до кое има празно столче, но кога ќе ја види реакцијата на другарчето се повлекува и седнува до Ерол и ја наведнува главата. Сето тоа го следи наставникот.
Наставникот: Ристе, како се чувствуваш?
Ристе: Непријатно наставнику.
Наставникот: А што мислиш, како се чувствуваше Ерол?
Ристе: Претпоставувам исто... згрешив.
Наставникот: Се надевам дека утре и двајцата ќе дојдете искапени и во чисти алишта... Понекогаш, за да го разбереме другиот, мораме да влеземе во неговите алишта, ако не можеме да му бидеме во кожата, за да знаеме како му е. 
 Текстот иако краток, беше впечатливо одигран, по што следеше вообичаената дискусија со учесниците. 
На крајот се претстави и третата група со текстот: „Циганите лажат“.


Сценарио 3 – Циганите лажат
Наставничката : (прегледува лектира), Фатиме, каде ти е тетратката за лектира?
Фатиме: Наставничке, си ја заборавив на клавирот... (учениците се смеат)
Панче: Лаже, лаже... таа нема клавир!
Фатиме: Како немам? Имам ама мал... личи на играчка, ама свири.
Панче: Кој знае на кое ѓубре си го нашла.
Фатиме: Не го најдов... подарок ми е за роденден.
Наставничката: Панче, можеш ли да се воздржуваш од коментари? Колку пати сум ти кажала да зборуваш само кога ќе бидеш прашан?! Фатиме, а вчера зошто не беше на училиште?
Фатиме: Болна бев наставничке.
Панче: Лаже, лаже! Ги видов со мајка и како чекаа такси.
Фатиме: Чекавме такси за на доктор.
Панче: Лаже, лаже!
Наставничката: Панче, ајде прошетај се малку, напиј се вода и пак врати се!
Панче: ( излегува од училницата)
Наставничката: Ученици, сега кога ќе влезе Панче, јас ќе му поставам неколку прашања, а вие, што и да каже тој, ќе велите дека лаже.
Панче (влегува)
Наставничката: Добар ден Панче... кај си до сега?
Панче: обар ден наставничке, Вие ми кажавте да се прошетам и да се вратам.
Децата: Ееее, како лаже!
Наставничката: Јас сум ти кажала да се прошеташ? Немој да кажеш и дека сум ти рекла да се напиеш вода...
Панче: Да... и вода ми кажавте да се напијам.
Децата: (се смеат) Лаже, лаже!
Учителката: А каде ти се книгите Панче? Зарем така се оди на училиште?
Панче: Овде ми се наставничке... (тргнува кон местото и посакува да ја покаже својата ташна )
Никола: Ова е мојата ташна!
Панче: (видно зачуден) Ама, еве да ја покажам кутијата за моливи...потпишана ми е!
Никола: Како смееш да буричкаш во туѓа ташна?!
Наставничката: Чија е ташнава ученици?
Сите: На Никола!
Панче: Ама...како?!
Наставничката: Панче, кому да верувам? Тебе или на другите? Кој ја зборува вистината?
Панче: Мене наставничке...
Наставничката: Значи, сите други лажат, а само ти ја зборуваш вистината? Да си на мое место, кому би му верувал ?
Панче:  (со наведната глава) Зарем и верувате на една Циганка?
Наставничката: За мене сте сите исти... сите сте деца, ученици. Сите ние понекогаш лажеме... некој повеќе, некој помалку. А ти Панче, никогаш не си излажал?
Панче: Сум лажел...
Наставничката: Знам... секому од вас на чело како да му пишува кога лаже. Одлично ве познавам, иако некогаш премолчувам. Лагата не е национален белег... не е привилегија само на една група. Таа е човечка особина.
По вообичаениот разговор со членовите од третата група, следеше рефлексијата, во која учествуваа сите ученици, а од нивните дискусии и примери, сфатив дека добро ја разбрале задачата... посочуваа примери од потесната околина, од средината во која живеат, дека во Куклиш најлошо е да бидеш магаре или жена, а во Костурино да не бидеш маж или магаре, зашто се отепани од работа. Сепак посочија дека тоа се само наследени и со ништо непоткрепени тврдења... Знам дека моите ученици после овој час со подруги очи ќе гледаат на нештата околу себе, а за луѓето нема однапред да судат, затоа што се припадници на одредена етничка или социјална група, туку на нив ќе гледаат зависно од нивните постапки и интелектуални или етички квалитети.





петак, 27. јун 2014.

ПОСЛЕДНОТО ПРЕДАВАЊЕ НА ПРОФЕСОРОТ КОНДОВСКИ



-          „Кој пуши, нека запали, рече професорот со длабок бас, кој како да идеше од бунар, и повлече длабок дим од цигарата. – Седнете удобно, завалете се, зашто нема да бидам краток. Ова е наша последна средба... последно предавање, без интерпункција, па сакам да бидете слободни. Не сме ограничени со времето. Ова не е класичен час“...
-          Каква среќа, си помислив. Ги донесов двајцата колеги да ги разгледаат сликите од студентите на Ликовната академија, која традиционално беше во мај, а ете – ќе имаат среќа да го чујат професорот Кондовски. Не знам ни дали не забележа некој кога се прикрадовме како крадци. Лицата на студентите не им ги гледав. Единственото светло паѓаше врз професорот. Го гледав оддалеку, но сосема јасно го слушав неговиот глас:
-          „Годинава вие ќе завршите и ќе се распрснете по светот, барајќи ја сопствената среќа и секој од вас  надевајќи се дека ќе стекне светска слава. Ви препорачувам секој од вас да си најдете некој штотуку завршен студент од Историја на уметност, зашто и онака немаат што да прават, да ви напише рецензија за вашата прва самостојна изложба. Тој кутриот ќе се загледува во вашите слики, обидувајќи се да протолкува што сте сакале да кажете, па не можејќи да го најде одговорот, а плашејќи се да не испадне глупав, ќе се разбуричка по своите книги и одовде, одонде ќе испрепише по некој ред од големите умови, па ќе направи некоја целина на која ни Бог не може да и го најде крајот, а и вие кога ќе прочитате, ќе подзинете, зашто самите не сте свесни што сте сакале да кажете, а ни тој, кутриот, не ќе умее на отварањето на изложбата да го прочита, а камоли да го разбере она што го срочил... А народот ќе остане со подзината уста... колку понеразбирливо – толку подобро. Во уметноста и во животот трудете се да бидете свои, да имате свој препознатлив ракопис, но никогаш не заборавајте кои се вашите корени. Нашите корени се во византиското сликарство. Ги имаме најрепрезентативните икони и фрескоживописи. По тоа не препознава светот. Кога ќе трнете по светот, немојте да се трудите да им го продадете она што ние од нив го научивме. Не можете да бидете подобри во апстрактното сликарство од Германците, кога Апстракционизмот од таму дојде. Сликарството е поврзано со начинот на размислување, а ние не сме подобри во апстрактно размислување од самите Германци. Да му продаваш на Германец апстракција е исто како да се обидеш да продадеш гулаб во Венеција, или да одиш во Париз со своја жена... На западот понудете му го византискиот стил. Иконите се врежани во нашата потсвест, во нашиот код. Паметам, кога бев дете, нашата куќа беше во близина на црквата и честопати во дворот на црквата игравме фудбал како деца“... - И лицето на стариот обелен професор, на чие високо чело паѓаше сребрен прамен од убаво потстрижената коса, се озари. Гледаше некаде високо, кон таванот, а пред неговите очи заигруваше сликата... Јас го замислував дворот од нашата црква и гледав деца што играа фудбал.
-          „Топката честопати влегуваше во црквата и јас влегував да ја земам... Но, штом ќе влезев внатре, ме обземаше онаа чудна, свечена тишина, што владее по црквите. Од ѕидовите на црквата ме гледаа очите на светците – строги, испиени, аскетски, милозливи. Тие очи, тој колорит се врежа во мене и јас од тоа не можам да побегнам. Што и да сликам, секогаш се навраќам на тие спомени, на тие слики од детството...тие очи и денес се пред мене. Многумина од вас ќе го видат Париз и сигурно ќе го посетат Лувр. Немојте да се разочарате како мојот професор по сликарство, кога ќе се соочите со делата на генијалните мајстори. Тој кутриот, бил добар сликар, а по враќањето од специјализација, боите и четките ги ставил во корпата и никогаш повеќе не се ни обидел да слика. Кога застанал пред оригиналите на сите оние мајстори, чии слики ги гледал од фотографии, на кои и порано им се восхитувал, се почувствувал поразен... се соочил со сопствената маленкост. – Јас така никогаш не ќе можам да сликам, си рекол и престанал да слика. Ни предаваше сликарство, а никогаш не го видовме да фати четка в рака. Сигурно и некој од вас ќе го почувствува истиот страв, но не се откажувајте. Иднината им припаѓа на упорните, а не на талентираните. Што е талентот без работа? Многу талентирани сликари си останале само со талентот и станале клошари.“
-          Погледнав во колегите... на лицата им се читаше восхит. Никола држеше незапалена цигара меѓу прстите, а во другата рака држеше запалка. Којзнае колку време ја држеше незапалена, плашејќи се со чкрапањето да не ја наруши тишината, од која допираше само длабокиот глас на професорот. Кога ни се сретнаа погледите, Никола ми кимна со главата и без да прозбори ниту збор го разбрав што сака да ми каже. Ми беше благодарен што ги донесов овде. Веројатно и тие, моите колеги се прашуваа како и јас... нам ни предаваа поети, луѓе од перо, но никој од нив ја немаше онаа говорничка дарба што ја имаше професорот Кондовски. Ја немаа ниту бојата на гласот, ниту неговата епска смиреност, а мислата му течеше спокојно како Дунав. Во своето обраќање пред своите студенти, професорот на еден чуден начин направи пресек на историјата на сликарството и на човештвото воопшто, при тоа осврнувајќи се на општествено-историските околности во кои се раѓале новите правци, на големите научни откритија што го придвижиле тркалото на историјата напред, не пропуштајќи да им рецитира со невидена дарба стихови од најзначајните претставници од сите правци. Беше комплетен ум, не само уметник... беше интелектуалец во вистинска смисла. А тоа сакаше и да им го предочи и на своите студенти. Зашто сликарот не е обичен молер кој одлично ги познава боите. Сликарот мора да биде авангарда во општеството, а за да биде тоа, мора да знае што се случувало порано, што се случува околу него... тој мора да биде информиран, начитан, да има критички став, да има свое мислење за се...да биде свој. Никој од нас не погледнуваше на часовникот, како кога бевме на нашите предавања. Кога заврши професорот, речиси на прсти, како што и дојдовме, го напуштивме Сули ан исполнети...

петак, 18. април 2014.

ПРОБИ ПО ПАТ НА ИНЕРНЕТ

Да се работи на заеднички проект, во кој треба изразно средство да е јазикот и тоа не својот, мајчиниот, туку јазикот на „другиот“, соработникот во заедничкиот проект, потребно е повеќе време. Откако на консултативната средба во Тетово, се договоривме околу текстот и ги поделивме улогите, требаше да се отпочне со пробите. За побрза и полесна комуникација меѓу учесниците во заедничкиот проект, формиравме група на Фејзбук, како социјална мрежа која масовно ја користат сите ученици, учесници во проектот.


























За почеток, пробите требаше да се одвиваат преку Skipe, во двојки и тоа надвор од времето за редовна настава, а со цел подобро запознавање на учесниците, нивно спријателување и взаемно почитување. Кога работите на заеднички проблем, кога сте дел од тимот, кога нештата не зависат исклучиво само од вас и вашите способности, своите навики и слободно време морате да ги прилагодите кон потребите на партнерот со кој моментално соработувате или на тимот. На почетокот се соочувавме со неуспешни договори за средби преку Skipe, со слаб интернет и лоши врски, со повредени суети поради одложена проба, но како времето одминуваше, растеше и одговорноста и стравот околу успешноста на проектот. Децата се повеќе сфаќаа дека еден на друг си се потребни, дека едни без други не можат кога е во прашање проект од таков вид.


























Последната проба се одвиваше речиси без наше менторство... јас и колешката Миневер Бафтијари, поради обврски кон редовната настава, ги оставивме децата самите да се менторираат: Лејла и Алиме на моите ученици им помагаа околу правилниот изговор на албански, а тие, моите ученици, им даваа „стручни совети“ за изговорот на македонски јазик.
                                                                                                                                                                     

понедељак, 10. март 2014.

РАБОТНА СРЕДБА ВО ТЕТОВО

По дваесет и четири години, повторно го почувствував здивот на Шара ... оној чист и студен здив, измиен од снеговите на нејзините врвови. И затоа се израдував кога ме информираа дека ќе треба да одам за Тетово на консултативна средба, за да конкретизираме некои  работи околу проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието.
Уште на самиот влез во градот почувствував дека ќе видам едно ново Тетово, кое во изминатите 24 години се градело и растело во модерен, урбан центар и убаво место за живеење. Училиштето „Наим Фрашери“, со кое имаме воспоставено партнерска соработка, се наоѓа во близина на Шарената Џамија.

Само што стигнавме во училишниот двор, топло не пречека нашата домаќинка, или човекот за контакти- Сенија.

Во канцеларијата на директорот се задржавме кратко... Не информираат патем дека нивното училиште веројатно е најголемото во Македонија , според бројот на ученици, без подрачни училишта имаат 1600 ученика. За нас таа бројка е мислена именка. Откако каснавме во блискиот модерен млечен ресторан и испивме по едно кафе, направивме мала обиколка за да ги видиме двата универзитета, на кои со право нашите домаќини се горди.


Се враќаме назад, во канцеларијата на директорот, да го сработиме она за што сме дојдени, да се договориме како и што ќе работиме - јас со Миневер Бафтијари, колешката од „Наим Фрашери“, која предава Албански јазик,

 а колешката Снежана со Вјолца.


Кога заврши работниот дел од состанокот, нашите љубезни домаќини сакаа што повеќе да ни покажат од својот град, но времето беше кратко, па моравме да поминеме само со теќето и Шарената Џамија.




Многу работи останаа невидени, поради краткоста на времето, но ги оставивме за некоја друга средба, која не мора да биде работна... а дотогаш - довидување Тетово!

недеља, 22. септембар 2013.

ПРВА СРЕДБА СО ПАРТНЕРИТЕ ОД ТЕТОВО

Во петокот, (19.09.2013) на иницијатива на членовите на тимот за Меѓуетничка интеграција во образованието на партнер-училиштето „Наим Фрашери“од Тетово, во просториите на нашето училиште се оствари првата работна средба, на која ги договоривме нашите заеднички акции и динамиката со која ќе се реализираат тие.

Колегите од ООУ„ Наим Фрашери “ за свој партнер, покрај нашето училиште, го имаат и училиштето од Муртино, па сакаа преку непосредна средба да ги разгледаат плановите за заедничка соработка, нашите и оние од ООУ„Маршал Тито“ од Муртино,  да ги усогласат со своите можности и да направат план како да дејствуваме заеднички, а тоа да биде домаќински.