петак, 29. март 2013.

УЛОГАТА НА ШМИНКАТА ВО ТЕАТАРОТ И ФИЛМОТ

Шминката или шминкањето претставува нанесување на природни или вештачки материи на кожата на лицето, со цел да се истакнат некои делови - очите, јаболчниците и усните или да се прикријат одредени недостатоци, да се покријат брчките, борите или акните.
Шминкањето  е старо речиси колку и човештвото, но не секогаш се правело со исти побуди, т.е. да се истакне убавината, да привлече внимание или да прикрие. И првобитниот човек се шминкал. На својата кожа нанесувал крв од убиено животно или глина во боја за да изгледа пострашно, да ги уплаши непријателите, а подоцна со откривањето на огнот, го користел јагленовиот прав помешан со глина за да се исцрни. Првобитниот човек веројатно шминката повеќе ја користел за камуфлажа додека ловел и да се направи пострашен одошто е во борбата со непријателите.

Шминката за разубавување почнала да се користи пред 6 000 години во древниот Египет, за што сведочат и сликите по ѕидовите на внатрешните простории на пирамидите. Освен жените, во древен Египет се шминкале и мажите, кои нанесувале јагленов прав на очните капаци, посебно нагласувајќи го горниот очен капак.



Древните Персијки почнале да користат к’на, со која ги бојадисувале косата и лицето, а Римјанките користеле јаглен за да ги нагласат очите, црвенило за усните, а со креда го избелувале лицето.
Во 17. век, во желбата да изгледаат поубави, жените користеле пудра која содржела арсен, кој бил причина за смртта на многу сопружници и љубовници.
Шминката била неизбежен дел од лицето на артистите. Некогаш во недостаток на артистки, мажите биле принудени да толкуваат женски улоги, но за да ја воведат публиката во својата улога и да изгледаат поубедливо, користеле шминка, руменило за усните и ставале перика.
Со помош на шминката во театарот и повозрасните артисти толкувале улоги на помлади или обратно - со нејзина помош  помладите можеле да добијат изглед на постари од она што се.
Филмот е речиси незамислив без употреба на шминка, зашто со нејзина помош се менува тенот на лицето (може да се затемни, осветли или да се зарумени), да се прикријат недостатоците, деформитетите, да се покријат борите, да се нагласат очите или усните...



Консултиран материјал: Кратка историја на шминката

Нема коментара:

Постави коментар